Сања Лукаревска, носителка на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата во ИЕ 2, во денешното гостување во “Отворено студио” на 24 телевизија образложи дека кампањата може да предизвика нов бран на новозаболени од ковид-19 само доколку потфрли самосвеста и индивидуална одговорност на граѓаните. Лукаревска додаде и дека има одредени правила на игра кои мора сите да ги почитуваат доколку сакаме намалување на бројките. Одговорноста е индивидуална, но и министерот за внатрешни работи мора да постапува согласно неговите надлежности, работни задачи и обврски за да не ни се случуваат работи какви што ни се случуваат.

“Ќе тргнам од личен пример, оние коишто повеќе се грижат и ги почитуваат мерките се во понезавидна позиција од сите оние коишто мислат дека коронавирусот не постои или дека нив нема да ги фати или дека сето тоа се случува некаде далеку. Самосвеста е клучна во овој период, за време на сите изборни активности за време на кои ќе имаме контакт на дневна основа со различни луѓе почитувајќи ги мерките. Ние треба да стигнеме секаде и граѓаните да ги слушнат мерките и идеите од програмата. Одговорноста е на секој од нас поединечно, ние не можеме да знаеме дали има одредени наши граѓани коишто кријат дека имаат симптоми, коишто дома се лечат и се движат помеѓу луѓето. Секојдневно од самиот почеток на оваа криза Владата даде сè од себе во делот на промовирањето на секојдневните основни чекори кои се неопходни за да се спречи ширењето на вирусот и за да се зачува доброто здравје. Ќе ја следиме состојбата на дневна основа со бројки и податоци. Она што охрабрува е дека започнува да се зголемува нагло и бројката на оздравени случаи и тоа е позитивен стимул за секој граѓанин и за секој политичар кој ќе излезе на терен да не заборави дека треба да се заштити максимално” – додаде Лукаревска.