Сања Лукаревска, носителка на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата во ИЕ 2, во денешното гостување во “Отворено студио” на 24 телевизија образложи дека олабавувањето на мерките нема никаква врска со изборниот процес и политичката кампања, а единствен проблем во тој дел е што голем број политичари во државата влегоа во улога на здравствени лица.

“Приоритетот е здравјето на граѓаните. Справувањето со ковид кризата изминатиов период и министерот за здравство и здравствените работници и сите засегнати страни беа на ниво на задачата. Тоа мора да го признаеме. Следевме споредбени искуства во другите региони, и затоа беше воведен полицискиот час и беа затворени угостителските објекти и теретаните и сите места кои би можеле да бидат потенцијални жаришта на вирусот. Постепено, на истиот начин, ги следевме сите актуелности и околу олабавувањето на мерките и претпоставувам дека сè се прави според некој замислен план. Никој нема интерес да отвора угостителски објекти за да има повеќе гласачи. Ако некој гласач од страв заради короната решил да не излезе на избори, тој нема да излезе независно дали ние ќе ги олабавуваме сите поединости од општественото функционирање.

Разлабавувањето на мерките е процес којшто не се случува само во нашата држава туку и во сите други земји, во Србија минатиот викенд имаше изборен процес. Сега во овој период сме во изборен процес, никој не би се вовел во ризик да презема мерки за да го ставиме здравјето на граѓаните во ризик” – изјави Лукаревска.