Сања Лукаревска, носителка на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата во ИЕ 2, во денешното гостување во “Отворено студио” на 24 телевизија уште еднаш го потврди ставот на СДСМ дека ултиматуми од типот дека сега е време за Албанец-премиер за СДСМ се неприфатливи и дека е време ДУИ да оди во опозиција.

“СДСМ кажа пред извесно време и тоа континуирано го повторуваме, на овие избори ќе победи СДСМ и коалицијата “Можеме”, а ултиматум од типот дека нашата држава е подготвена за албански премиер нема да прифатиме. На овие избори време е да се променат перцепциите, односно дека ДУИ треба да оди во опозиција затоа што ние сметаме дека заедно во коалиција со БЕСА ќе бидеме единствен победник на овие парламентарни избори.

Од друга страна, ние сме докажале многу пати дека немаме проблем со етничката припадност бидејќи постулатот на којшто се темели нашето работење и функционирање е “едно општество за сите”. Ние од редовите на нашата партија имаме Албанец кој е министер во Владата, а тоа е Едмонд Адеми. Ние заеднички се согласивме и за претседател на Собрание да биде избран Талат Џафери, тој е прв Албанец којшто станал претседател на Собрание. Значи, не станува збор тука за какви било етнички припадности, туку станува збобр за став дека е време да се смени нешто на оваа политичка сцена” – истакна Лукаревска.