Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, присуствуваше на одбележувањето на подготвителните активности за изградба на „Лидл“ логистички и дистрибутивен центар во Северна Македонија во индустриската зона Речица во близина на Куманово, каде што имаше и свое обраќање.

„Северна Македонија официјално станува дел од големото семејство на познатиот трговски синџир ‘Лидл’, кој е препознатлив во регионот и пошироко по својот квалитет и цена. За мене претставува големо задоволство што овој германски гигант ја избра токму Северна Македонија, поточно оваа индустриска зона во селото Речица во близина на моето родно Куманово за изградба на модерен логистички и дистрибутивен центар во нашата држава.

417399670_917500356410468_1356441427291382848_n

Со инвестиција од 80 милиони евра и нови над 150 работни места во финалната фаза на нивното проширување, ‘Лидл’ планира најголема, но и долгорочна инвестиција во нашата држава, која сметам дека ќе отвори големи перспективи како за нашата национална економија така и за нашата држава, која преку ваквите успешни бизнис-модели ќе оствари поголем пробив на меѓународните пазари“, рече Ковачевски.

„Квалитетот на ‘Лидл’ успешно се градеше во изминатите 50 години и денес мрежата на овој познат трговски синџир е распространета во повеќе од 30 земји во светот и со над 12.000 маркети.

‘Лидл’ не е само обичен трговски синџир, туку изграден бренд, чии маркети во регионот се посетени и од многу наши граѓани бидејќи добиваат висок квалитет за поволна цена. Ние создадовме услови ова да го овозможиме дома.

417442761_917500496410454_1054924750660981594_n

Зад овој квалитет стојат луѓето, поточно над 376.000 вработени, кои се дел од реномираното семејство ‘Лидл’.

Денешниот настан е потврда за нашето долгорочно цврсто партнерство со нашите германски партнери и стимул за нашите економски политики, кои создаваат поволен и предвидлив деловен амбиент за странските инвеститори, кои ја избираат нашата држава како стабилно и безбедно место за своите инвестиции.

Верувам дека ‘Лидл’ ќе испише успешна приказна и во нашата држава како што тоа е случај и во регионот. Исто како што испишува во светски рамки бидејќи верува во луѓето и во нивниот потенцијал. Не случајно честопати велам дека најголем двигател на нашиот развој се луѓето. Тие се нашиот најголем адут и нашата најголема вредност. И затоа треба да вложуваме во нивниот развој“, изјави премиерот Ковачевски.