Концептот за одложување на кредитите е добар, и тоа е помошта што треба на граѓаните и на фирмите да им ја понудиме во овој момент. Тоа е помош од државата, преку банкарскиот систем, да создаде услови и да им помогне на граѓаните во овие моменти, изјави премиерот Оливер Спасовски во вечерашното гостување на емисијата „Економски магазин“ на Алсат-М.

Тој додаде дека очекувањата за мерките се секогаш максимални и од страна на стопанските комори и од страна на граѓаните, но нагласи дека, очекувањата се едно, а можностите се друго и дека во услови на криза секој нешто мора да даде.
„Добро е што банкарскиот систем во овој момент е стабилен и тоа е добро за држава и за продолжување на економските активности кога ќе помине здравствената криза. Ние не смееме да носиме одлуки кои ќе значат намалување на фискалниот капацитет на банкарскиот систем“, рече Спасовски.

Тој информираше дека Владата ќе ја разгледа потребата за промена на Уредбата со која се забранува одржување на акционерски собранија, доколку има потреба за поделба на дивиденди или прераспределби на средства во државните претпријатија.