Владата ги усвои предложените годишни програми за работа на министерството за за земјоделство, шумарство и водостопанство за 2024 година.
Ресорниот министер Љупчо Николовски ги презентираше новите мерки кои предвидуваат низа бенефити за земјоделците:
Поголема поддршка добиваат лозарите за остварено производство на грозје.

– 60.000 денари по хектар, вкупна поддршка, за семејни земјоделски стопанства, кои го произвеле и продале винското грозје, врз основа на склучен договор со регистриран производител на вино, најдоцна до 30 април 2024 година со принос од најмногу 10.000 килограми по хектар и исплатена цена по килограм не пониска од 35 денари. Од кои, 12.000 денари авансно и 48.000 денари дополнителна поддршка, појасни Николовски.

Ваквата мерка е во насока за постигнување на поставените цели од Стратегијата за развој на лозарството и винарството, зголемување на производството флаширано вино, зголемен квалитет на македонското вино и неговата вредност на странските пазари.

Ги охрабруваме производителите на винско грозје и винарските визби, уште во период на првите агротехнички мерки, да го договорат начинот на одгледување на лозовите насади. Со цел добивање на суровина за производство на високо квалитетни вина, кои ќе бидат препознаени на странските пазари и ќе постигнат цена, што ќе ги задоволи и производителите на вино и производителите на грозје.

Зголемената подршка е само почеток во низата на мерки за развој на лозарството и винарството. Имајќи во предвид дека со новиот закон за вино, кој е веќе во собраниска постапка, предвидуваме посебна програма за финансиска поддршка во развој на лозарството и винарството. Програма каде се предвидуваат дополнителни мерки согласно политиките на Европската Унија, за одржување и развој на лозарството и винарството.

Поддршка за лозарите, преку програмата за рурален развој, обезбедуваме во зачувување на нашата македонска автохтона винска лоза Станушина. Поддршката се реализира преку програмата за директни плаќања, во висина од 5.000 денари, по хектар. Корисници се земјоделски стопанства, кои имаат засадена минимална површина од 0,2 ха со автохтоната сорта Станушина.