За време на престојниот викенд во градот Кавадарци ќе биде организиран предновогодишен саем на мали тиквешки семејни винарии кое се организира од страна на истоименото здружение.

На саемот ќе присуствуваат над 35 мали винарии, а посетителите ќе имаат можност да се запознаат и дегустират над 200 сорти вино, 30 сорти ракии, 30 вињаци и да вкусат храна од 4 производители.

Организаторите велат дека цел на настанот е да ги поттикнат македонците да купуваат производи од малите винарии. Оние кои ќе го посетат саемот ќе имаат можност да се уверат во одличниот квалитет кој го нудат винариите, а на таков начин ќе го разгласат фактот дека во Македонија има квалитетно вино кое го произведуваат малите тиквешки винарии.

Поголемиот дел од винариите-изложувачи имаат освоено многубројни награди и признанија на престижни светски саеми, а тоа укажува на фактот дека малите семејни винарии се новите амбасадори промотери на македонското вино ширум светот.

Саемот ќе започне во 12:00 часот и ќе трае се до 17:00 часот, а ќе се оддржи во Ангро Палас во Кавадарци. Секој заинтересиран може да го посети саемот и да се запознае со многу нови вкусови вино. Влезицата на саемот е 200 денари.