Сеопфатната заштита на човековите права преку законодавната и институционалната рамка, административните капацитети, и се разбира спроведувањето, ќе биде еден од главните показатели за подготвеноста на нашата земја за влез во ЕУ, од почеток до крај на пристапните преговори, објави на својот профил на Фејсбук заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.

„Меѓународниот ден на човековите права нѐ потсетува на нашата должност за нивна заштита, промоција и почитување, како основен предуслов за мирот, демократијата и одржливиот развој.

Како земја преговарач и идна членка на ЕУ, мораме да продолжиме да дејствуваме во насока на зајакнување на заштитата на човековите права.
Нашата безрезервна посветеност на европскиот пат, водена од заедничките вредности, е најдобра потврда за нашата искрена намера секојдневно да ја подобруваме положбата на човековите права на сите граѓани, без разлика на нивните различности.

Воената агресија во Украина покажа дека и денес целите за зачувување, натамошно подобрување и почитување на човековите права повторно се исправени пред големи предизвици.

Затоа денес, кога на тлото на Европа се брани демократијата, слободата и владеењето на правото, повеќе од било кога треба да посветиме внимание на заштитата на човековите права и слободи, за да може да зборуваме за иднината и вистински напредок.

Владата останува целосно посветена на унапредување на универзалните вредности на човековите права со единствена цел: градење држава во која граѓаните ќе се чувствуваат слободни, еднакви, сигурни и достоинствени“, наведе Маричиќ.