Министерот за правда Бојан Маричиќ вели дека целта на неговото повикување на судиите да ја образложат одлуката за пуштање на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков од притвор била да ги повика судската и обвинителската фела на отченост пред јавноста бидејќи, како што посочува, јавноста секогаш ја обвинува извршната власт за добрите, но почесто за лошите или неиздржани судски одлуки.

– Ниту на каков било начин имам влијаено врз одлуките на судот. Пред неколку дена во јавната реакција упатив повик до судиите да си ги дообјаснат своите одлуки во јавноста. Кога имаше криза, пред помалку од една година во врска со обидот за бегството или полубегството на Мијалков сите очи беа вперени кон извршната власт. Сметам дека независното судство треба да си ги објасни своите одлуки на јавноста. Не може поради некои неиздржани одлуки на судиите и обвинителствата секогаш да биде виновна извршната власт. Ништо лично не сум имал против Мијалков, рече Маричиќ денеска во гостувањето на „Утрински брифинг“.

Тој нагласи дека единствен притисок врз Судскиот совет бил да си ја врши работата чесно, одговорно и професионално во рамките на законот.

– Доколку јас сум користел полуги за некаков притисок тоа секако нема да било јавно, преку фејсбук статус. Јово Вангеловски и Михајло Маневски многу добро знаат дека не би реагирал јавно преку Фејсбук. Во тоа време немаше фејсбук статуси, но имаше многу други механизми кои се напишани во меѓународни извештаи. Јас немам потреба јавно да реагирам, ако би сакал и ако би можел да влијаам на судството, рече Маричиќ

Притоа тој  потсети дека исти реакции имало и пред една година кога барање за притвор побара Обвинитеството, а одлуката ја донесе Судот.

– Јас и за овој случај дознав од јавноста. Инаку, имињата на судиите кои ги споменав ги дознав од луѓе внатре во судот и не велам дека тоа е правилно. Ние немаме друг начин како извршна власт да се одбраниме од нападите, освен да ја повикаме судската власт да ги образложи одлуките, без да влијаеме какви ќе бидат тие. Инаку имавме и една ослободителна пресуда за Мијалков и тогаш никој не реагираше, зошто судот ја образложи таа пресуда, нагласи Маричиќ.

Министерот за правда посочи дека целта е да ја повикаат судската и обвинителската фела на отчетност пред јавноста и ништо повеќе.

– Трагикомично е Вангеловски и Маневски мене да ме обвинуваат за влијание врз судството, а тие беа симбол на заробено судство. Сега толку многу е различно судството и апсолутно е смешно да се споредува. Маневски е причина зошто Европската комисија и Венецијанската комисија препорача министерот да не присуствува на сесисите на Судскиот совет. Има шест разрешувања на судии од Маневски кои паднаа во Стразбур и за кои државата плаќа оштета… Вангеловски за претседател на Врховен суд беше избран без ден искуство како судија, а беше разрешен за нестручно и несовесно работење и има и кривична пријава за манипулации со еден притворски случај. Сакав да објаснам на јавноста кои се ударна тупаница против мене за еден мој фејсбук статус, рече Маричиќ.

Мимистерот за правда во оваа прилика најави дека со новиот буџет ќе има покачување на буџетот на судството и обвинителството, ќе има покачување на платите во целиот сектор од 15 проценти што ќе биде искористено за да имаат доволно ресурси за вршење на своите должности и да бидат независни во својата работа.

На прашањето дали ќе биде дел од новата влада, Маричиќ со одговорор дека тоа ќе го каже новиот мандатар. – Јас сум на располагање и сум подготвен. Би презел било каква должност која ќе ми се понуди во новиот концепт на мандатарот, вели Маричиќ.

Во врска со новото раководство на СДСМ, Маричиќ смета дека новиот лидер на партијата Димитар Ковачевски успеал да спои различни групи на луѓе.

– Секое време носи нов тим и раководство. Ова е една убава можност за освежување на врвот на СДСМ, има луѓе кои се докажани во својата професија една мешавина на нови кадри, Ковачевски покажа способност да ги спои различните групи, луѓе и да ги спои во овој врв јас сум убеден оптимист дека ќе има успех, нагласува Маричиќ.