Министерот за правда, Бојан Маричиќ на барање на „Фокус“ даде свое видување што треба да се промени во однос на условните казни кои се пресудуваат во случаи кога при неодговорно возење има сообраќајќи со смртни последици. Тој најави дека се работи на воведување на ново кривично дело „Безобзирно управување со моторно возило“.

Сакам да ја информирам јавноста дека во рамките на Работната група на Министерството за правда за изготвување нов Кривичен законик вградуваме ново кривично „Безобзирно управување со моторно возило“ за што се пропишува затворска казна и до 3 години, а доколку има смртни последици казната најмалку 4 години затвор, објаснува Маричиќ.

Во однос на ублажувањето на казните и условна осуда за тешки дела во сообраќајот министерот ќе иницира дебата во рамките на Работна група и тоа во однос подобрување на законските решенија и елиминирање на можните злоупотреби во ова насока, како и анализа на примената на постојните одредби од страна на судовите и Јавното обвинителство, во однос на кривичните дела поврзани со загрозување на безбедноста во сообраќајот.

Маричиќ најавува дека на истиот состанок ќе бидат поканети и претставници на Врховниот суд, Јавното обвинителство и Судскиот совет.