До крајот на март ќе бидат опремени 10 судници во пет основни суда во земјата за одржување онлајн судења, најави министерот за правда Бојан Маричиќ во интервју за МИА.

– Мора да ги користиме придобивките на модерната технологија доколку сакаме да сме во тек со современите текови. Веќе знаете дека судот во Кавадарци одржа онлајн рочиште, а тоа треба да ни биде и мотив дека тоа е можно и во Северна Македонија, вели Маричиќ.

Посочува дека како Министерство ја отвориле темата за онлајн судења и дигитализација на судството од самиот почеток на пандемијата.

– Прашањето за дигитализација не е дали, туку кога, а пандемијата е само своевиден катализатор на потребата од овој процес, додава министерот за правда.

Во 2021 година, како што истакнува Маричиќ, ќе се интензивира работата на внесување на потребните одредби во законските решенија, а дополнително ќе се работи на обезбедување на потребната опрема и кадар за непречено одвивање на процесот.