Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со меѓународниот секретар, Тимчо Муцунски денеска остварија средба со Јоханес Реј, директор на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Република Македонија.
На средбата се разговараше за соработката на ВМРО-ДПМНЕ со Фондацијата, актуелната политичка состојба во државата, македонската европерспектива и предизвиците со кои се соочуваме, како и за престојните парламентарни избори во Македонија.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се заблагодари за досегашната соработка со фондацијата која е на одлично ниво и е од особено значење во периодот пред предвремените парламентарни избори, размената на искуства и знаење во престојниот период е клучна.
Во однос на актуелната политичка ситуација Мицкоски ги посочи поразителните истражувања на „Транспаренси Интернешнл“ за перцепција на корупцијата според која Македонија е на врвот според корупцијата на Балканот како и она на угледниот британски весник „Економист“ кој ја класифицира нашата држава како „хибриден режим“.
Тој потенцираше дека клучна стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ е членството во Европската Унија, но поради високата корупција и вмешаноста на високи државни и партиски функционери на СДСМ во коруптивни афери се загрозува нашата европска перспектива. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека по победата на 12 април, новата Влада има план како да се справи со овој горлив проблем и има план како да ја стави Македонија на брзата трака за членство во Унијата.
Соговорниците се согласија дека првиот и клучен услов за европската иднина на државата се фер и демократски избори на 12 април, волјата на граѓаните мора да се почитува.