Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во изјава за медумите кажа дека на средбата со претседателот на австрискиот парламент, Волфганг Соботка, станало збор и за Законот за Јавното обвинителство.

-Му го пренесовме ‘трас, трас-методот’ за носење на Законот за Јавно обвинителство, ‘се договорив со Јово’ и сличните методи на кои се носат овие закони. Пренесовме дека тогашниот претседател на Владата не го негираше тоа однесување туку го потврди истото. Господинот Соботка навистина беше вчудовиден, ова беше информација што првпат ја слушнал, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.

Мицкоски му кажал на Соботка дека во парламентот имало повторено гласање.

„Најпрвин гласаа 74 пратеници, за потоа по некој чуден метод да се поништи тоа гласање па имаше 80 пратеници. Соботка беше видно изненаден од тоа што го слуша, рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ и пред други дипломати зборувала за состојбите во судството и обвинителството, кажа првиот човек на опозициската партија, оценувајќи дека во моментов се гази и пали демократијата во земјата.
-Повторно ќе кажам, вчера се осуди новинар кој што беше критичар на власта, на дневна основа се напаѓа медиум кој што е критички настроен кон власта, се палат билборди со содржина критичка кон власта, имотот на најголемата политичка партија во државата е нелегално замрзнат. На дневна основа се вработуваат илјадници луѓе за да денеска слушнеме лицемерно како и се заканува на администрацијата дека десетици илјади луѓе ќе бркал ако дошол повторно на позиција за да одлучува за таква работа и можам низа на случаи да ги редам каде што има злоупотреби. Но, тоа нема да не спречи историски да ги поразиме на овие предвремени парламентарни избори и ќе се бориме до крај, ниту еден милиметар нема да се повлечеме. Но ако продолжат на ваков начин да се однесуваат да знаат дека ќе наидат на отпор, сериозен отпор, отпорот од народот, да не си играат со народот, рече Мицкоски.