Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски во интервју за МИА зборува за програмата со која коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да освои што повеќе гласови на претстојните избори, за средбите со граѓаните со почитување на мерките за Ковид-19, за тоа како да се зголеми излезеноста на изборите.

Тој изразува убеденост дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на овие избори и дека тој ќе биде мандатар, посочувајќи дека бројот на пратеници што ќе ги освои коалицијата ќе зависи од излезеноста на гласачите.

На прашањето за многуте реакции, во однос на нивниот прв спот со подгрбавени луѓе и дали тој смета тие како партија може да се соочат со губење на гласови поради спотот, Мицкоски вели дека тоа ќе го видат на 15 јули.

„Дали ќе се соочиме со губење гласови или пак нема да соочиме туку ќе добиеме гласови. Инаку, да јас ги разбирам и СДСМ и Зоран Заев, тешко е и мачно е да се гледа тоа што го направија изминативе три години, но затоа сме тука да понудиме практично алтернатива на кое што го стори СДСМ изминативе три години со сите оние понижувања, лаги, невистини, конструкции, криминал, корупции, Луи Витон ташни, трас, трас судски одлуки. Гледаме таму како еден поранешен функционер од Владата предводена од СДСМ како купчиња си реди слободно во чанта. Тоа е она што е тешко да се гледа и на тоа се губат гласови, а инаку ова е реалноста што ни ја најави Зоран Заев дека треба да си ја свиткаме кичмата. Но, среќа е, не треба граѓаните да губат надеж. Има алтернатива и свитканата кичма ќе остане само запаметена по времето на Зоран Заев. Во иднина ќе имаме гордо крената глава“, вели Мицкоски.