Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков излегува од притвор. Апелацискиот суд во Скопје ја прифатил гаранцијата од 11 106 501 евро, пренесе „360 степени“ повикувајќи се на информации од второстепениот суд.

Неговата жалба била уважена и решението за притвор е преиначено со прифаќање на гаранцијата. Апелациските судии му определиле мерки на претпазливост односно одземање на пасошот и обврска да се јавува во судот.

Гаранцијата над 11 милиони евра, според нашите информации, се состои и во недвижен и во подвижен имот, а ексшефот на УБК треба да излезе од притвор кога ќе завршат административните процедури со ставање на хипотеката на имотот што е понуден како гаранција дека нема да избега.

Мијалков издржува мерка притвор во предметот „Трезор“, каде е неправосилно осуден на 8 години затвор.