Кривичниот Совет на Основниот кривичен суд вечерва донесе одлука на Сашо Мијалков да му се одреди притвор од 30 дена за предметот познат во јавноста „Плацови на Водно“.

-Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, за определување мерка притвор против С.М. обвинет во предметот со КОK бр. 63/21 во јавноста познат како „Плацеви на Водно“, а имајќи ја предвид итноста на постапката, Кривичниот совет, по добивање на предметот, одржа седница на советот и донесе решение со кое го прифати предлогот на Јавниот обвинител и на обвинетиот му определи мерка притвор во траење од 30 дена. Советот смета дека се исполнети условите од чл. 165 ст.1 т. 1 односно дека постои Опасност од бегство.Решението е во фаза на експедирање до странките во постапката кои имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје, велат од Кривичниот суд.

Апелацискиот суд во Скопје денеска ја прифати гаранцијата од 11 106 501 евро, со која мерката притвор беше преиначена во мерки за претпазливост, односно одземање на пасошот и обврска да се јавува во суд. Гаранцијата од над 11 милиони евра се состои и во недвижен и во подвижен имот, а Мијалков треба да излезе од притвор кога ќе завршат административните процедури со ставање под хипотека на имотот што е понуден како гаранција дека нема да избега.

Оваа мерка притвор на Мијалков му беше изречена во врска со предметот „Трезор”, каде е неправосилно осуден на осум години затвор.

На тоа регираа од Основното јавно обвинителство кое попладнево поднесе Предлог за определување на мерка притвор за Мијалков, по обвинение за „перење пари и други приноси од казниво дело” во предметот „Плацовите на Водно”.

Тој има првостепена пресуда и во случајот „Таргет – Тврдина” со која е осуден на 12 години затвор, а обвинет е и во случаите „Плацови на Водно” и „Титаник 2″, а осомничен е и во предметот „Империја”. Во „Тортура”, пак, доби ослободителна пресуда.

Сашо Мијалков се наоѓа во затворот во Шуто Оризари од 26 февруари годинава, откако претходно неколку дена беше во куќен притвор.