Горан Милески, министер за локална самоуправа во техничката влада, во денешното “Отворено студио” на 24 телевизија со став дека коронавирусот се покажа како доста упорен и непредвидлив противник, а посебно се осврна на изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел која ја предвиде неговата сериозност на самиот почеток на пандемијата кога изјави дека вирусот во неговиот налет може да зарази дури две третини од германската популација. Милески истакна дека таквата изјава можеби тогаш изгледала нереална и смешна, но денес со вториот бран во нашата држава се покажува токму спротивното.
“Кај нас има голем број на тестирања, но можеби повеќе се опуштивме. Тој бран нè фати побрзо, меѓутоа гледаме дека сè повеќе се зголемува бројот на новозаразени и во соседните земји. Србите организираа избори и глумеа нормалност, организираа фудбалски натпревари и од тие фудбалски натпревари вирусот се рашири повторно во Србија, а се пренесе и во Црна Гора. За Црна Гора велиме дека е “корона-фри” бидејќи очекува туристи, за Хрватска исто. Но, вирусот е таму. Ако се тестира секаде ќе се забележи дека коронавирусот е исто присутен и кај нив. Ако некаде не се тестира, тоа не значи дека го нема вирусот и во другите земји. Ние мораме да се научиме да живееме со вирусот, да ги почитуваме сите протоколи во “новата нормалност” и она што се бара од нас од здравствените власти.
Мора да си ја признаеме реалноста, а тоа е дека вирусот е раширен и дека ако сакаме да ја контролираме оваа работа, ние сите како граѓани мора да ги почитуваме мерките. Ако Комисијата за заразни болести или министерот Филипче укажуваат дека не треба да има веселби, а ние упорно си славиме свадби и крштевки, тогаш ние самите придонесуваме да се шири вирусот и не знам кој да е министер или која да е влада нема да може да се справи со ситуацијата” – истакна Милески.