Експресниот пат за Страцин-Крива Паланка е веќе во функција. Како функционира? Што значи ова за жителите на Крива Паланка, меѓутоа и за локалниот туризам? Како се живее во моментов во Крива Паланка? Се иселуваат ли младите или сепак своiот живот го продолжуваат во родниот град? Што е со меѓуграничната соработка? Утрово во емисијата „Слободен печат“ за сите овие прашања, со таткото на општината, градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.
Градоначалникот вели дека на почеток од оваа година во функција и официјално е ставен експресниот пад Страцин-Крива Паланка, којшто е започнат со изградба во 2018 година.
– Станува збор за еден капитален, сериозен проект, којшто е од особено значење од повеќе аспекти за развивањето на Крива Паланка. Овој експресен патен правец којшто ја поврзува државата со нашата соседна држава Бугарија сериозно ќе влијае на економската состојба и трговската размена на државата. За нас како мал град, сметам, но и тврдам дека истиот ќе влијае директно на развојот на локалната економија и локалниот бизнис – вели Митовски.
На последниот попис во 2021 бројките велат дека Крива Паланка брои 18.400 граѓани. Но според градоначалникот има околу 11.000 луѓе.
– За жал, иселувањето како глобален проблем не е изоставено и во Крива Паланка. Младите својата егзистенција и својот пат го бараат надвор од градот, но и од државата и тука сметам дека на некој начин и тоа е наш колективен пораз на сите носители и од претходниот период и во овој период на општествено одговорни позиции – вели Митовски.
Тој вели дека младите си одат поради целокупниот амбиент во државата.
– Жедни се за квалитетен живот, живот различен од тоа што е наше секојдневие. Крива Паланка нема некоја позначајна локална економија во моментот, најголем наш работодавец е рудникот за преработка на олово и цинк „Тораница“, кој вработува повеќе од 400 луѓе, а месечните примања можам слободно да кажам дека се солидни и тој начин рудникот е двигател на локалната економија – вели Митовски.
На прашањето дали во неговата општина има ноќен и културен живот, градоначалникот вели дека за разлика од сите претходни години, сега е на повисоко ниво.
– Пред сè тоа се должи на неколку клучни фактори. Сето она што го правеше општината во изминатиот период, преку креирање на програмски мерки ја направија Крива Паланка да биде поразлична од сите останати општини. Изминатата година Крива Паланка беше град на културата, со реализирани повеќе од 160 културни настани. Ова го спомнувам од причина што верувам дека тоа што го правеше општината, индиректно влијаеше и на културниот целокупен живот на граѓаните на Крива Паланка. Нашиот град станува мал град кој е препознаен по таа туристичка понуда на ресторански-угостителски туризам, како викенд-дестинација – вели Митовски.
Освен манастирскиот комплекс „Јоаким Осоговски“, треба да се спомене и локалитетот Калин Камен, на чија урбанизавија општината интензивно работела во изминатиот период. За меѓуграничната соработка со Бугарија вели дека политиката на некој начин ги раздвоила Крива Паланка и Ќустендил.
– На некој начин, политиката влијаеше сериозно, иако пак ќе кажам, според мене сето тоа е вештачки инсценирано, дека во реалност, навистина не е така. Сметам дека ние како први луѓе, носители на такви одговорни позиции на погранични градови, јас и градоначалникот на Ќустендил во изминатиот период се потрудивме да пратиме сосема различни пораки, праќавме говор на пријателство, говор на мирољубие и сметам дека и во таа насока, во следниот период, треба да ги движиме работите – вели Митовски.
ФОТО: Слободен печат / Драган Митрески