Денеска сме сведоци и учесници на историски момент за нашата држава. Момент кој ја дефинира нашата иднина, кој го трасира патот на стабилност, на развој и на просперитет. Членството во НАТО беше наша стратешка цел од осамостојувањето до денес, затоа изразувам благодарност до сите кои дале придонес во остварувањето на таа цел, рече во своето обраќање Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата во Собранието на РСМ.
Како координатор на најголемата пратеничка група морам да искажам огромно задоволство што сме дел од овој парламентарен состав, кој даде значаен придонес за оваа историска одлука и којшто беше движечката сила која ја врати Република Северна Македонија на правиот пат.
Преку позитивни и реформски политики и на надворешен и на домашен план, од заробена држава станавме позитивен пример на Балканот.
Станавме пример како се развиваат и негуваат добрососедски односи, како се решаваат повеќедецениски спорови само ако се има добра волја, чесна мисла и визија за иднината.
Тие политики го остварија нашиот сон, стануваме 30та членка на НАТО и држава која очекува датум за преговори за членство во Европската унија.
Нашата стабилност, нашата безбедност веќе никогаш нема да биде доведена во прашање.
Иднината на нашата држава е загарaнтирана. Влегуваме во сојузот на колективна безбедност. Со нашите пријатели – земјите членки на НАТО заеднички ќе се грижиме за нашата иднина.
Како членки на НАТО, преку соработка и преку заеднички изградена стратегија ќе се спротивставиме на сите предизвици кои ги носи денешнината.
За секој нов проблем, за секој нов предизвик веќе нема да бидеме сами. Стануваме дел од најважното семејство кое ќе ја гарантира нашата иднина.
Почувани колеги, почитувани пријатели
Во овој историски момент сакам да го споменам претседателот на СДСМ г-дин Зоран Заев, кој со неговата лидерска визија и храброст успеа да се справи со проблемот кој ја мачеше нашата држава со децении наназад.
Се соочи со прашањето поради кое со години бевме блокирани на европскиот пат. Со целосно заштитување на македонскиот идентитет и јазик дојде до компромисниот договор од Преспа со кој се затвори најгорливото прашање со нашиот јужен сосед.
Денес на овој свечен чин сакам да и честитам и на опозицијата дека конечно прифатија да станеме членка на НАТО по Уставното име Република Северна Македонија.
Изминативе речиси три години постигнавме многу. Република Северна Македонија тргна напред. На економски план постигнуваме одлични резултати.
Обезбедивме повеќе пари кај граѓаните, ги покачивме платите во буквално сите сектори.
Реализиравме мерки кои директно значат подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Ги рехабилитиравме институциите, ја зголемивме нивната ефикасност, ја вративме транспарентноста, секако има уште многу работа за постигнување на уште поголеми цели. Членството во НАТО, сигурноста на државата, добивањето на Датум за почеток на преговорите со ЕУ, членството во ЕУ значат повеќе инвестиции, повеќе работни места, повисок стандард, живот за нашите граѓани овде во нашата држава, а не во странство.
Правдата и владеењето на правото е последниот бастион кој мора да го освоиме, ние тоа ќе го направиме, порача Митрески.