Министерството за надворешни работи, согласно информациите добиени од Генералниот конзулат на нашата држава во Венеција – Италија, заради сериозноста на состојбата со COVID-19 во земјата, препорачува нашите граѓани да не патуваат во регионите и провинциите: Ломбардија, Модена, Парма, Пјаченца, Реџио Емилија, Римини, Пезаро, Урбино, Алесандрија, Асти, Новара, Вербано Кусио Осола, Верчели, Падова, Тревизо и Венеција.
Во соопштението што го објави вечерва МНР исто така се препорачува граѓаните да избегуваат непотребни патувања во останатите делови на Италија. За оние граѓани кои веќе се наоѓаат во Италија, препорачуваат зголемени мерки на претпазливост во секое време, да се следат локалните медиуми и упатствата на локалните власти. Повеќе информации може да се добијат на travel.mfa.gov.mk.
Како што информира МНР, нашиот Генерален конзулат во Венеција, следејќи ја праксата на другите европски дипломатско конзуларни претставништва во истиот регион како и заради понатамошна превенција од ширење на COVID-19, во следниов период нема да работи со странки, освен во итни и неодложни ситуации. Во таа насока се одложува фотографирање на нашите граѓани за нови патни исправи. За подетални информации околу развојот на состојбите, македонските граѓани кои се наоѓаат во Италија, можат да го контактираат нашиот Генерален конзулат во Венеција на + 39 389 5837913 или [email protected].
Трите позитивни лица на коронавирусот што се регистрирани во државава претходно престојувале во Италија. Министерството за здравство попладнево информираше дека здравствената состојба на двајцата сопружници заболени од коронавирусот кои се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести во Скопје и фебрилни состојби е стабилна, а стабилна ездравствената состојба и на првата заболена пациентка. Нејзиниот последен контролен тест беше негативен, но во текот на утрешниот ден ќе биде направен уште еден тест за да се потврди резулатот, односно да се потврди дека таа повеќе не е инфективна.