По објавувањето информации во дел од медиумите дека учениците од одредени средни училишта се организираат денес да ја бојкотираат наставата, Министерството за образование и наука упатува апел до нив и до нивните семејства да продолжат да учествуваат во воспитно-образовниот процес, кој треба да биде нивна единствена грижа и интерес. Во спротивно, отсуството од часови и настава значи загубено време и знаење кое понатаму тешко се надоместува.

МОН во соопштение наведува дека новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали е современо решение базирано на глобални образовни стандарди и значително ќе ја унапреди наставата, интеракцијата помеѓу наставниците и учениците, ќе го намали обемот на домашните задачи и работата на родителите и старателите со учениците и ќе донесе подобрување на севкупниот квалитет на националниот образовен систем. Поради тоа, тој не смее да биде причина за бојкот на наставата.

– Бојкотот на наставата значи отпор кон промените кои се креирани согласно времето и ерата на ИТ-технологијата во која младите живеат. Од интерес е за сите сегашни и идни генерации на ученици, македонскиот национален образовен систем да се развива, да напредува и фати чекор со трендовите и процесите во современиот образовен свет, меѓу кои е и дигитализацијата на материјалите за учење, што кај нас како промена ќе се случува етапно и во овој момент воопшто не ги засегнува средношколците, информира МОН.

Нагласува и дека е исклучително важно во целиот овој процес да се следат сите официјални информации и одговори на прашања и дилеми во врска со Законот за учебници кои, како што посочува, МОН и другите институции кои учествуваат во креирањето на промените, ги даваат транспарентно и на дневна основа.

– Сите други извори не се релевантни, а многу често и информациите кои се пласираат особено по социјалните медиуми имаат манипулативен карактер и цел да поттикнат несакани реакции токму од страна на учениците и нивните семејства, додава МОН во реакцијата за бојкот на ученици поради дигиталните учебници.