Министерството за образовани и наука информира дека согласно Законот за учебници во основното и средното образование, сите учебници можe да се користат најмногу пет години, со исклучок на оние за прво, второ и трето одделение, како и одредени учебници од повисоките одделенија во кои има содржини што ученикот ги пополнува со пишување, боење, сечење и лепење кои се користат еднократно.

-Учебниците и сите други наставни материјали кои ги обезбедуваат надлежните институции од областа на образованието предводени од МОН и кои се изготвени врз основа на наставните програми, имаат цел првенствено да им помогнат на учениците во совладувањето на наставната материја и стекнувањето применливи знаења преку учење со разбирање, но и да ги стимулираат нивната креативност и критичко размислување. За постигнување на овие цели, неопходна е целосна реализација на наставните програми кои, меѓудругото, предвидуваат и пополнување содржини во дел од учебниците. Затоа МОН упатува апел до сите учесници во спроведувањето на воспитно-образовниот процес да не го ограничуваат користењето на учебниците и пополнувањето на содржините во нив кои се предвидени за пополнување од страна на учениците, наведува МОН во соопштение.

Министерството напомнува дека нема потреба ниту од печатење на учебниците кои се достапни во електронски формат на www.e-ucebnici.mon.gov.mk.

-МОН продолжува и во иднина да набавува целосно нови учебници за најмалите основци и да ги заменува оние од другите одделенија кои поради дотраеност не може да се користат, соопшти Министерство за образование и наука.