Досегашниот градоначалник на општина Сарај, Блерим Беџети од вчера стана пратеник во македонското Собрание со што оваа скопска општина ќе треба да бира нов градоначалник.

Беџети им се заблагодари на граѓаните за досегашната поддршка и најави активно делување во Парламентот.

„Почитувани граѓани на општина Сарај и пошироко, сакам да ве информирам дека од денеска започнува моето ново патување како пратеник и вашиот глас во Собранието на Македонија. Сакам да се заблагодарам на секој од вас што ме поддржа на локалните избори за да застанам на чело на општина Сарај и сега на парламентарните избори да ве претставувам во Собранието. Ви ветувам дека ќе бидам гласот на волјата на народот и ќе ви докажам дека легитимитетот на албанскиот глас му припаѓа на Европскиот фронт. Продолжуваме обединети за најдоброто од граѓаните, европската држава и за подобар економски развој“, пишува Беџети на социјалните мрежи.

„Трансферот“ на Беџети од локалната во законодавната власт, значи дека оваа година покрај претседателски и парламентарни, ќе имаме и предвремени локални избори, најмалку во општина Сарај и ако не е исклучена можноста градоначалник да се бира и во други општини.

Една од нив е Гостивар, откако станува извесно дека досегашниот градоначалник Арбен Таравари најверојатно ќе го преземе министерството за здравство каде министеруваше краток период пред неколку години.

Се погласни се најавите и дека потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски ќе добие свое место во Владата, па ако тоа се оствари, на предвремени избори ќе излезат и граѓаните на општина Аеродром.

Според законите, функцијата ВД градоначалник на една општина може да се извршува најмногу два пати по шест месеци, а редовните локални избори треба да се случат дури во месец октомври следната година.