На 10.6.2020г. во повеќе медиуми беше објавен прилог во кој граѓани изјавија дека биле жртви на насилство од страна на полициски службеници. Станува збор за бездомни лица кои живеат во близина на објектот на ПИОМ во Скопје и според својата етничка припадност се Ром(к)и.

Настанот се случил за време на „полицискиот час“, кога, според изјавите, дваесетина припадници на интервентната полиција употребиле физичка сила кон сите лица кои се нашле на наведената локација, вклучително кон жени, деца и постари лица кои воопшто не биле инволвирани во случајот.

Од Министерството за внатрешни работи упатиле информација до медиумите дека од страна на полициски службеници од Полициска станица Аеродром биле преземени мерки и активности за констатирани прекршувања на полициски час од група на граѓани кои биле собрани на јавно место и го нарушувале јавниот ред и мир со пуштање на гласна музика. Според изјавата на МВР, пет лица прво дрско се однесувале кон полициските службеници, по што физички ги нападнале, а едно од нив фрлило камен кон нивното полициско комбе. Врз основа на овие настани, кон пет лица биле поведени постапки за утврдување на прекршочна, односно на кривична одговорност. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, станува збор за случај од кој може да се утврди лична одговорност на неколку лица кои живеат на наведената локација. Тие се веќе идентификувани, лишени од слобода и кон нив веќе се преземени иницијални акти за утврдување на одговорност. Оттука, силата употребена врз лица (мажи, жени, деца, постари лица) кои на ниту еден начин не се инволвирани во настанот покажува дека полицијата употребила сила за да одбие замислен напад.

Неодамна во Штип (на 12 мај, на Радански пат), медиумите објавија сличен инцидент со полицијата, каде имало употреба на сила кон група граѓани поради едно патничко моторно возило натоварено со дрва, управувано од Роми. Ова покажува дека непрофесионалниот однос, полициската бруталност и самоволието при постапувањето кон Ромите и другите категории сиромашни и маргинализирани граѓани, е честа практика на полицијата. Постапувањето од овој вид е мотивирано од расистички предрасуди и непочитување на достоинството на Ромите. Дополнително, особено загрижува фактот што полицијата постапува дискриминаторски со тоа што селективно применува сила кон граѓани кои се наоѓаат на маргините на општеството, а не постапува во случаи каде последиците, штетата или користа се од огромни размери. Ваквиот третман на полицијата кон ранливите групи на граѓани нема да ја врати довербата во полицијата, и напротив, ја урива, притоа придонесувајќи граѓаните да се чувствуваат загрозено и уплашено, претрпувајќи психички стрес, наместо да се чувствуваат заштитено од страна на полициските службеници.

Мрежата за заштита од дискриминација бара утврдување на лична одговорност од секој полициски службеник доколку тој ги пречекорил своите службени овластувања, како и од сите лица кои издале таква наредба. Бараме од Секторот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, да покрене постапка за испитување на случајот и доколку се утврди злоупотреба на овластувањата на полициските службеници, да биде поведена кривична постапка и кон нив да се изрече најстрога санкција од работен однос.