Министерството за внатрешни работи испратило известување дека поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд е недостапен и сега на потег е велешкиот суд кој треба да ја распише потерницата.

„МВР на 10.07.2020 не го пронајде лицето В.П. на адресата наведена во наредбата. Истиот ден е испратено известување до СВР Велес да го известат Основниот суд во Велес за распишување на потерница по лицето“, велат од МВР.

Се обидовме преку телефонски повик од велешкиот суд да добиеме одговор дали е веќе распишана потерницата, но до моментот на објавување на овој текст не успеавме да стапиме во контакт.

Панчевски е обвинет во предмет за злоупотреби на АКМИС системот за распределба на предмети кај судии во времето кога беше на чело на Кривичниот суд во Скопје. Поради непојавување на рочишта, судот му одреди мерка притвор, но во петокот полицијата не можеше да го лоцира.

Судењето за овој предмет требаше да почне минатата есен, но досега не е започната ниту главната расправа. Надлежен суд е велешкиот откако Апелација донесе ваква одлука за да спречи сомнеж за пристрасност во скопскиот Кривичен суд каде работеше Панчевски.

Извор: 360 степени