Во соработка со Клиниката за психијатрија отворени се уште три нови телефонски броеви за психолошка поддршка за трудниците и родилките, лицата со нарушување на слухот, говорот и гласот, како и психолошка поддршка за лица во самоизолација на албански јазик во периодот со справувањето со Ковид-19 во земјава, соопшти Министерството за здравство.

На телефонските броеви, како што соопштија, одговараат стручни лица, психијатри од Клиниката.

Трудниците и родилките на кои им е потребна психолошка поддршка можат да се советуваат на телефонскиот број 078/378-766 во периодот од 9 до 16 часот. Лицата со нарушување на слухот, говорот и гласот можат да се советуваат на 072/919-009 во периодот од 9 до 16 часот на овој телефонски број преку апликацијата „Вибер“. Овозможена е и поддршка за лица во самоизолација на албански јазик на 070/291-657 од 9 до 16 часот.

Од Министерството потсетуваат дека функционираат и останатите телефонски броеви за психолошка поддршка. Родителите на деца на предучилишна возраст и училишна возраст можат да се јавуваат на телефонскиот број 072/912-676. Возрасните лица кои се во самоизолација можат да се јавуваат за психолошка поддршка на 072/919-009.

– Телефонскиот контакт на возрасните лица во самозиолација и лицата со нарушен слух, говор и глас е ист, меѓутоа комуникацијата за вторите лица е исклучиво преку „Вибер“ апликацијата, се вели во соопштението.

Во соработка со УНИЦЕФ и во партнерство со Универзитетската клиника за психијатрија, додаваат од Министерството, отворени се дополнителни линии за психолошка поддршка наменети за родители и самите деца на училишна возраст, секој работен ден од 9 до 16 часот. За тинејџери и нивните родители на телефонскиот број 078/378-728 и за родители на деца со попреченост на 070/291-574.

– Грижата за психичкото здравје е исто толку важно како и грижата за физичкото здравје во услови на пандемија со коронавирус, додаваат во соопштението.