Собранието на Република Северна Македонија го усвои законот за дивечот и ловството. Станува збор за рефромски закон со многубројни новости и законско решение усогласено со регулативите на Европската Унија.

Со донесувањето на овој закон се излегува од досегашните концесиски рамки, бидејќи дивечот како таков е делумно обновлив ресурс, па во иднина дивечот се предвидува да се дава на користење и управување, наместо на концесија како што беше досегашното законско решение, и тоа на период до 20 години. Ваквата измена е во насока на трајноста во одгледувањето, заштитата и неговото користење.

Предност при доделата на дивечот во ловиштата на користење, при исти услови, би имале досегашните концесионери на дивечот, а кои најмногу припаѓаат на ловечките друштва, известува МЗШВ.

Новиот закон за дивечот и ловството предвидува поголеми јавни овластувања за Ловечката Федерација на Македонија. Од безбедносен аспект, со новиот закон, се предвидува задолжителна обука пред полагањето на ловечкиот испит, посебно во делот на безбедноста при ловот. Понатаму со новиот закон се предвидува одредба со која флуросцентните маркер елеци стануваат задолжителни при лов на дивеч.

Новост е и тоа што ловната сезона на дивата свиња започнува порано, односно се предвидува да започне на 1 мај, а се лимитира бројот на дозволен застрел по ловец на ден за одделни видови на дивеч.

Законот за дивечот и ловството дава можност за формирање на полигон за лов на ситен дивеч од вештачко производство, како и законска можност за формирање на фарми за производство на месо од дивеч. На овој начин се допринесува во развојот на ловниот туризам, како и можност за производство и промет на месо од дивеч, соопшти МЗШВ.