Владата на Република Северна Македонија на денешната 29-та седница го разгледа и усвои записникот од единаесеттиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19, одржан на 26 март 2020 година.

На оваа седница, а во врска со Одлуката од 28-та седница за проширувањето на забраната за движење за време на викенд деновите во сабота и  недела од 16:00 часот до 05:00 часот, е утврдено појаснување за ова ограничување кое се однесува на земјоделците заради интензивирање на сезоната на земјоделски работи, особено во градинарските култури.
Во делот на исклучувањето на земјоделците од сите донесени одлуки, заклучоци, мерки и препораки на Владата, се допрецизира дека истиот се однесува на земјоделците што одгледуваат раноградинарски култури и имаат неодложни активности за одгледување на истите во овој период.

Дополнително, оние земјоделци, фармери, сточари и други земјоделски работници кои преку подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе се пријават за добивање на дозволи за движење, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Министерството за информатичко општество и администрација истите да ги издаде.

За ова, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соодветно да го информира земјоделскиот сектор.