Претседателката на Централната изборна комисија за внатрепартиските избори во СДСМ, Викторија Аврамоска Мадиќ во интервју за Слободен печат откри колку членови на СДСМ се регистрирани за вантрепартиските избори закажани за в недела.

„Бројката што ја заклучивме на 23 јуни за активно регистрирани членови за гласање е 22.735 членови. Тој список денеска се доставува до претседателите на општинските организации и претседателите на општинските изборни комисии, за да се проверат уште еднаш и утре во текот на денот избирачкиот список со регистрирани членови ќе оди на печатење“ рече таа.

Аврамоска-Мадиќ посочи дека СДСМ е прва партија која воведе непосредни внатрепартиски избори за претседател и овој принцип партијата не планира да го напушти.

Мадиќ објасни дека гласачките места ќе бидат во просториите на општинските организации а согласно правлиникот онаму каде што има над 1.000 регистрирани членови а тоа се Битола Куманово и Струмица, ќе се гласа на три кутии односно ќе има три избирачки одбори.