Две лица од Крива Паланка се новозаразени со Ковид-19 во изминатото деноноќие, стои во денешниот билтен на Министерството за здравство.

Денеска, исто како и вчера, Институтот за јавно здравје не регистрирал оздравени пациенти од Крива Паланка.

Во текот на изминатите денови во општина Крива Паланка дневно биле регистрирани по двајца новозаразени со коронавирус.

Од 24. до 30 август во Крива Паланка со вирусот се заразиле вкупно 10 лица, а нотирано е едно починато лице, односно 69-годишна пациентка.

Според неофицијални информации две лица од општинската администрација од Крива Паланка се заразени со Ковид-19, а позитивен на вирусот е и првиот човек на општината Борјанчо Мицевски.

Денеска се одржа и состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување на кој беа дискутирани превентивните мерки и чекори кои треба да бидат преземени, а во согласност со заклучоците, мерките и препораките, како и безбедносните протоколи усвоени од Владата на Република Северна Македонија.

Оттаму апелираа до сите кривопаланчани во следниот период да се воздржат од било какви семејни собири и прослави во своите домови, викендици и куќи на село, како и за доследно почитување на мерките за заштита и безбедносните протоколи и одржување на социјална дистанца секаде каде што состојбата упатува на тоа, бидејќи, како што велат, состојбата со присуство на корона вирусот во Општина Крива Паланка е сериозно загрижувачка, а со самото тоа е зголемена опасноста врз здравствената состојба на граѓаните.

Денеска се вршеше и соодветна дезинфекција на главната улица во градот.