Интезивно преговараме за нова влада и сметам дека таа ќе се случи побрзо од очекуваново, најави вечерва лидерот на ЛДП и министер за локална самоуправа, Горан Милевски за дневникот на ТВ Сител.

Според него, ирелевантно е кој ќе биде премиер, туку важно е да продолжат политиките на Владата.

-И денес имавме средба со Заев во владата. Генерално беше прашањето да не се повлекува од функцијата, но тој е решен да биде тоа час поскоро. Сметам дека до средината на следната недела, за 10 дена ќе имаме појасна ситуација за нов мандатар. Ова ќе биде избор на нова влада, а не реконструкција, рече Милевски и додаде се очекува мнозинството во Собранието да се зголеми со плус 4 пратеници, кои најверојатно ќе бидат од редовите на Алтернатива.

Милевски смета дека во моментов не се потребни брзи парламентарни избори.

-Размислувањето на владината коалиција е терање на мандатот до крај и затоа е потребна сериозна влада, а не цело време да оди на избори, затоа што се е закочено. Трпат граѓаните. Треба да и се даде уште една шанса на владата, поправен испит, потенцира министерот.