Британски војници со борбена опрема пристигнаа денеска во складиштето за нафта „Бритиш петролеум”, откако Владата нареди Министерството за одбрана да помогне во испораката на гориво, во обид да се најде решение за недостигот на возачи на цистерни и испорака на нафтени продукти до бензинските пумпи.

На многу бензински пумпи во Британија, нема гориво скоро целата мината недела, што предизвика хаос.

„Како дополнителни мерки на претпазливост, додадовме повеќе возачи.Ситуацијата засега се подобрува, од ден на ден и се враќа во нормала”, изјави британскиот министер за финансии Риши Сунак за радиото Би -Би -Си.

Здружението на продавачи на бензин објави дека повеќе од 20 проценти од бензинските пумпи во Лондон и југоистокот на земјата се уште немаат гориво, а директорот на таа асоцијација, Гордон Балмер, додаде дека може да потрае и до 10 недели за да се вратат залихите во нормала.