Германската компанија WPD, ќе гради 415 мегаватна ветерна електрана на потегот Куманово – Старо Нагоричане – Ранковце- Крива Паланка, во вредност од околу 500 милиони евра. Премиерот Зоран Заев, на прес-конференцијата во присуство на амбасадорката на Германија Анке Холштајн, како и претставници на менаџментот на компанијата, истакна дека ова не е само најголемата германска инвестиција во земјава, тука ова е најголемата директна гринфилд инвестиција во македонската економија, воопшто, од независноста до денес.

Во продолжение Ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:

„Почитувани граѓани,

Денешната прес конференција е во доменот на енергетиката, еден од приоритетните сектори на кои се фокусира Владата.

Ние се определивме да обезбедиме поевтини, компетитивни извори на енергија, здрава животна средина и почист воздух за сите, преку инвестициите во зелени, еколошки и обновливи извори на енергија.

Денес, тука со нас се стратешките инвеститори од Германија, компанијата WPD, која ќе гради 415 мегаватна ветерна електрана во македонските полиња, на потегот на општините Куманово – Старо Нагоричане – Ранковце- Крива Паланка, во вредност од околу 500 милиони евра, односно пола милијарда евра.

Почитувани граѓани, ова не е само најголемата германска инвестиција во земјава – ова е најголемата директна гринфилд инвестиција во македонската економија, воопшто, од независноста до денес.

Ова се придобивките од Законот за стратешки инвестиции. Големите инвеститори ги препознаваат економските можности, безбедноста и стабилноста на земјата и носат храбри одлуки за инвестирање во Северна Македонија.

Ќе се гради ветерен парк со име „Вирови” кој ќе биде најголемиот капацитет од обновливи извори на енергија во Северна Македонија. Колку за споредба, станува збор за капацитет кој го имаат двата блока на инсталиран капацитет од РЕК Битола во најдобри години. РЕК Битола има вкупно три блока.

На полињата на потегот од Куманово кон Крива Паланка за ќе бидат поставени 69 нови ветерни турбини, што е за четири пати повеќе од досегашните 16 кои ги гледаме на границата со Грција, и најважно, ветерници кои ќе создаваат над 400 мегавати струја од македонскиот ветер.

Во зеленото сценарио најбрзо растечки технологии се токму фотонапонските и ветерните електрани и во нашата стратегија се предвидени околу 1500 мегавати на фотонапонски електрани и околу 700 мегавати на ветерни електрани.

Нема сомнеж, најголемата инвестиција во историјата на македонската економија е доказ дека зеленото сценарио и тоа како е возможно.

Овој проект е повеќе од половина од тие 700 мегавати предвидени во нашата стратегија и заедно со веќе изградената кај Богданци и со издадените досегашни овластувања од Владата, бројката поминува над 600 мегавати, што е 85 проценти од предвидените во Стратегијата.

Што е најважно, Ветерниот парк „Вирови“ нема да користи никакви повластени тарифи од државата. Ова значи и снабдување на 290.000 домаќинства со електрична енергија, а инвестицијата ќе се одвива во неколку фази.

Ми преставува задоволство, што станува збор за навистина сериозна компанија која работи во 28 земји во светот со над 5000 мегавати на инсталиран капацитет во обновливи извори на енергија, што значи го имаат потребното искуство и знаење за успешна реализација на овој проект.

Инвестициите доаѓаат бидејќи добро се сработени реформите, ја донесовме потребната легислатива и создадовме услови за инвестирање во безбедна и стабилна земја.

Тоа е суштината на постоењето на владите и администрацијата: Да создадат фер услови за сите. Работиме согласно европските правила, со сериозни и докажани инвеститори во својата област.

Почитувани,

Продолжуваме со преминот кон извори на чиста енергија преку примената на еколошките извори на енергија: вода, сонце и ветер, се со цел исфрлање на употребата на јагленот како извор на енергија.

Токму поради ова донесовме нова легислатива усогласена со ЕУ Директивите, нов начин на поддршка на инвестициите во фотонапонските централи и ветерните електрани, кој веднаш беше препознаен од страна на домашните и странските инвеститори.

Во оваа прилика сакам уште еднаш да потенцирам дека со изградбата на двете 50 мегаватни електрани во Осломеј на приватни инвеститори, како и на две по 10 мегавати сопствена инвестиција на ЕСМ, ја правиме првата енергетска транзиција на електрана на јаглен со фотонапонска електрана. Односно на полињата на старите јагленокопови се монтираат фотонапонски електрани.

Ова е пример за останатите земји во регионот на Западен Балкан и на Југоисточна Европа.

Примената на обновливите извори на енергија и енергетска ефикасност се дел од рамките на реализацијата и на Зелениот договор на Европската Унија кој има јасна цел – климатски неутрална и поотпорна Европа до 2050 година.

И нашата земја го поддржува Европскиот зелен договор за одржлива економија преку претворање на климатските и еколошките предизвици во можности и правење на транзиција, праведна и инклузивна за сите.

Почитувани граѓани,

Најважно од се, ја имаме историски највисоката директна инвестиција, за производство на струја од македонски ветер, инвестиција која носи вработувања, чиста и поевтина енергија. Зелена енергија.