Поранешниот вицепремиер за европски прашања, Васко Наумовски, во вечерашната дебата на „360 степени“ рече дека идејата оти двете земји и Македонија и Албанија не можат да се раздвојат во пристапниот процес кон ЕУ може да биде и замка.

„Секогаш ќе има една премолчена согласност. Дел од државите да се противат на напредокот на Македонија, дел од државите да се противат на напредокот на Албанија. И се додека тие две се држат заедно, во суштина ниту една нема да оди напред“, рече Наумовски.
На прашањето дали барем до одржувањето на првата меѓувладина конференција е возможно двете земји да бидат заедно во процесот, тој вели дека принципиелно би било индицвидуално вреднување на напредокот.

„Принципиелно би било сите да се залагаат за индивидуално вреднување на напредокот, што е и наша заложба во изминатите години. Но, доколку не постои единствена позиција на сите држави-членки не можеме да очекуваме чекор напред. А како што гледаме и како што кажа еврокомесарот најголем дел од земјите се за почеток на преговори, меѓутоа е потребен е консензус од сите државни-членки. Тоа, мислам дека преоптимистички да се случи до крајот на оваа година, не само за Македонија и Албанија, туку сега мислам дека проширувањето не е меѓу приоритетите на ЕУ“, рече Наумовски.