„Не се залетувај!“ кога аплицираш за работа преку интернет. „Не се залетувај!“ кога ти нудат нереално висока плата. „Не се залетувај!“ кога принцот веднаш ти нуди брак. „Не се залетувај!“ за живот од бајките со миграција дома или во странство. „Не се залетувај!“, внимавај на Твитер, Инстаграм, Фејсбук….

„Не се залетувај!“ е само една од безбројните кампањи реализирани од невладината организација „Отворена Порта – Ла Страда“, која цели 20 години вложува напори да се подигне свесноста кај населението за ризиците од трговија со луѓе, а кај надлежните институции за преземање неопходни законски мерки за превенција и борбата против кој било облик на трговија со луѓе.

„Отворена Порта – Ла Страда“ неодамна ја публикуваше и анализата направена врз основа на сите 20-годишни истражувања, интервјуа, кампањи, а се базира врз канцелариско и врз теренско истражување. Во теренскиот дел се спроведени полуструктурирани интервјуа со претставниците на институциите и на граѓанските организации што се директно инволвирани во борбата против трговијата со луѓе.

Низ призмата на жртвите

Сандра***: „Во мојот случај не постои правда“. На 15-годишна возраст Сандра одлучила да избега од дома, бидејќи не можела повеќе да живее во сиромаштија. Таа, со своите родители и сестри, живеела во јужниот дел на земјата. Поради ограничените можности за работа во градот каде што живеела, таа се упатила во главниот град да бара работа во еден угостителски објект. Не можејќи да најде сместување и работа, му се јавила на Иван, познајник од претходно. Иван ја убедувал Сандра да оди и да живее со неговата постара сестра Ирена, која исто така живеела под кирија. Сандра, среќна, ја прифатила понудата.
trgovija so lugje1На почетокот Ирена добро се однесувала со Сандра, но по неколку дена и побарала пари за кирија. Ирена и објаснила на Сандра што ќе треба да „работи“, но Сандра не прифатила и оттогаш започнале постојани вербални и физички напади врз неа. Сандра била немоќна да се спротивстави. Под закани и присила, таа била сексуално злоупотребувана од страна на клиенти кои ги наоѓала Ирена. Паричните средства ги земала Ирена. Сандра била физички малтретирана, доколку се спротивстави.

Сексуалните услуги Сандра ги давала во приватни домови. Една ноќ, возилото со кое се превезувале Сандра и клиентот било запрено при рутинска контрола на полицијата. Дежурниот полициски службеник побарал документи од Сандра и од лицето кое било со неа, но бидејќи таа немала никакви документи, двајцата биле однесени во полициска станица.

Во полициската станица ја прашувале Сандра колку години има и зошто во ноќни часови била во автомобилот со возрасно лице со кое не е во никакво сродство. Во тој момент Сандра почнала да плаче и му раскажала на дежурниот полициски службеник за тоа што и се случувало.

За испрашувањето од страна на полицискиот службеник Сандра вели: „Однесувањето на еден од полицајците во полициската станица беше непрофесионално, тој не гледаше да ми помогне, туку ме малтретираше, ми удри шлаканица и ме третираше како проститутка, тој (полицаецот) почна да вика и да ми вели дека лажам, а јас му кажував реално каква ми беше ситуацијата“.

Во меѓувреме, Сандра била пријавена од страна на родителите како исчезната, во полициската станица во градот во којшто живеела. Полицијата ги известила родителите на Сандра дека е пронајдена и ја вратила дома. Таа неколкупати била повикана на распит во полициска станица во градот во којшто живеела. Лице од Националната единица за сузбивање криумчарење мигранти и трговија со луѓе (НЕСКМТЛ) при МВР и понудило на Сандра да биде сместена во Центарот и таа се согласила. Првично и бил обезбеден медицински преглед (гинеколошки и психијатриски), како резултат на влошената психичка и здравствена состојба.

По шест месеци започнал судскиот процес. За искуството од судскиот распит, Сандра раскажува: „Да бидеш сексуално злоупотребувана, и кога ќе им кажеш на другите, прво – не ти веруваат, второ –мислат дека сама си го барала и трето – ти си ороспија за нив“.

– Службеното лице од МВР ме праша дали сакам да одам во прифатилиштето на Отворена порта. Првично одбив, бидејќи ми беше страв, но тој ми објасни дека таму ќе бидам безбедна и ќе се грижат за мене и јас се согласив. Тој ми ги објасни правата што ги имам и ми објасни дека никој не може ништо да ми направи и без разлика дали ќе бидам сместена во прифатилиштето или не, пак од полицијата ќе имам поткрепа дека можам да ги побарам кога сакам и тогаш малку се почувствував послободна, поопуштена. Значи, освен него и вработените од Отворена порта никој друг ми немаше кажано за моите права и кога ги запознав вработените од прифатилиштето, тогаш малку се почувствував посигурна, побезбедна, вели Сандра.

Според Меѓународната канцеларија за труд, дури 24,9 милиони луѓе биле инволвирани во принудна работа, трудова експлоатација, како еден од видовите на трговија со луѓе. Мажи, жени и деца често работат во индустрии како што се земјоделство, рударство, фабрики, домашна помош и присилна сексуална работа. Присилени со измама, изнуда, уцени и закани, насилство, сексуална злоупотреба и психички притисок, велат од „Отворена Порта – Ла Страда“, жртвите на екстремна експлоатација страдаат од сериозни и долготрајни здравствени последици.

Соговорници опфатени со анализата го потврдуваат податокот дека трудовата експлоатација е најнепрепознаена во нашата земја. Инаку, најголем број индентификувани жртви на трговија со луѓе се деца, а најголем број од идентификуваните лица се жртви на сексуална експлоатација.
Мал е бројот на идентификувани жртви на национално ниво и затоа е неопходна проактивна идентификација што подразбира вклучување на повеќе актери во процесот на идентификација како и теренска работа, нагласува за МИА Маја Варошлија, раководител на програма за социјална асистенција на жртви на трговија со луѓе од „Отворена Порта – Ла Страда“.

Почетоците на трговијата со луѓе во Македонија, посочуваат од здружението, се забележани во периодот на 90-тите години, но не се негира фактот дека и пред тоа постоел овој глобален проблем во земјава, иако не бил толку забележителен.

Покрај транзитна дестинација, Македонија станува и земја на потекло, чиишто граѓани се жртви на трговијата со луѓе во други држави, но и во внатрешноста на земјата. Оттогаш се забележуваат и промени во начинот на вовлекување, така што регрутерите сé повеќе се лица познати за жртвите, најчесто блиски членови од семејството, пријатели, познајници, партнери итн. Освен тоа, се зголемува застапеноста на малолетните женски жртви на трговијата со луѓе и се појавуваат нови видови на трговија со луѓе, како што се присилните бракови и питачењето.

Во периодот од 2014 година, се појавува масовна миграција на економски мигранти и бегалци како дел од „Балканската рута“ на земјите од Блискиот Исток и Северна Африка во Македонија.

Република Северна Македонија, поради својата геостратешка положба, претставува транзитна земја, но и земја на потекло, во која се врши регрутација во и надвор од границите. Според последниот извештај на американскиот Стејт Департмент (2020), Македонија е рангирана под ТИЕР-2, во којшто спаѓаат земјите во кои властите не ги исполнуваат минималните стандарди за борба против трговијата со луѓе, иако прават напори за справување со овој проблем.

Регрутирање на жртвата еден од основните елементи во процесот на трговијата со луѓе.

Воспоставувањето доверба или емотивна блискост со жртвата е еден од основните начини што се користат за вовлекување на жртви на трговија со луѓе. Регрутерите можат да бидат членови на семејството, познајници, партнери, пријатели итн. Користат различни методи за да ги вовлечат жртвите во синџирот на трговијата со луѓе: понуди за работа, претставување како лажен дечко за да ја добијат довербата на жртвата, а во поново време застапено е запознавањето преку социјалните мрежи, како што се Месинџер, Инстаграм, Тиндер и други социјални мрежи.Social media iconsРезултатите од истражувањето на „Отворена порта“ покажуваат дека поголема е застапеноста на жртвите во руралните средини. Една од причините е ограничениот пристап до услугите од превентивен карактер.

Според степенот на образованието пак, се забележува дека поголем дел од жртвите на трговијата со луѓе се со незавршено основно образование, а мошне мал е бројот на жртвите кои завршиле високо образование. Од една страна, тоа може да биде индикатор за лошата економска состојба на семејството, поради што поголемиот дел од нив се со незавршено образование, а од друга страна покажува како ниското ниво на образование е фактор на ризик за полесно станување жртва на трговијата со луѓе.

– Сепак, не треба да се генерализира дека жртви на трговијата со луѓе се само лица кои потекнуваат од сиромашни семејства. Жртви на трговијата со луѓе можат да бидат и лица кои доаѓаат од семејства со солидна социоекономска состојба. Не треба да се запостават и традиционалните родови улоги во семејството, бидејќи поголемиот дел од жртвите на трговијата со луѓе се жени, што, пред сé, се должи на фактот дека жените се перципираат како сексуален објект којшто може да се продава без да се земе предвид нивната волја, се наведува во анализата.

Инаку, жртвите на трговијата со луѓе во најголем дел доаѓаат од семејства кај кои се присутни индикации за ризик, при што најчести од нив се семејно насилство, воспитна запуштеност, зависност од психотропни супстанци и алкохол, ментални нарушувања, членови на семејството кои се сторители на кривични дела итн.

„Отворена Порта – Ла Страда“ 20 години против трговија со луѓе

Во изминатите 20 години вложени се многу напори за сузбивање на трговијата со луѓе од страна на државните институции и здруженијата на граѓани, вели за МИА Маја Варошлија, раководител на програма за социјална асистенција на жртви на трговија со луѓе. Донесени се законски решенија за казување на ова дело, создадени се стратегии и акциски планови, донесени се стандардни оперативни процедури за постапување со жртвите и други придружни документи. Сепак има простор за подобрување на состојбите во државата.

– Жртвите кои што се идентификувани имаат потреба од долгорочна помош и поддршка, и затоа е потребно зајакнување на локалниот одговор во процесот на реинтеграција и ресоциајализација на жртвите од трговија со луѓе. Според возраста најголем број на идентификувани жртви се деца и затоа е потребна континуирана едукација на младите за препознавање на проблемот и заштита од трговијата со луѓе. Најголем број од идентификуваните лица се жртви на сексуална експлоатација, но законот дава и можност за санкционирање на другите видови како што се трудова експлоатација, принуден брак, питачење, вршење на кривични дела под закана и други видови. Потребно е да се работи на откривање и на другите видови на експолатација и ефикасен прогон на трговците со луѓе, потенцира Варошлија.

Загрижувачки проблем е реинтеграцијата на жртвите во заедницата

Во насока на идентификување на жртвите од трговија со луѓе како позитивен пример во практиката се наведува воспоставувањето на петте мобилни тима во Скопје, Битола, Гевгелија и Тетово. Целта на овие тимови е да се идентификуваат ранливите категории граѓани, вклучително и жртвите на трговијата со луѓе. Во мобилните тимови се вклучени претставници на Центарот за социјални работи, МВР – НЕСКМТЛ и НВО.Формирањето на овие тимови е резултат од препораката дадена од страна на експертската група ГРЕТА во мониторинг-извештајот наменет за имплементацијата на конвенцијата на Советот на Европа од Република Северна Македонија.

Според „Отворена Порта – Ла Страда“, загрижувачки проблем во земјата е реинтеграцијата на жртвите во заедницата по напуштањето на прифатилиштето, пред сé поради отсуство на долгорочни одржливи програми, со што се зголемува можноста за нивно повторно навлегување во синџирот на трговијата со луѓе.

Добиените резултати од анализата покажуваат дека иако постои државно прифатилиште за жртвите на ТЛ во земјава, раководено во партнерство на Отворена порта и МТСП, сепак е забележлива потребата од зголемување на сместувачките капацитети и нивна финансиска одржливост.

– Во земјата нема прифатилишта за сместување на лица од машки пол, но постоечкиот капацитет не обезбедува ниту можност за раздвоено сместување на полнолетните и малолетните лица. Од ова може да се заклучи дека некои од жртвите остануваат на маргините на општеството, бидејќи не добиваат навремена и адекватна помош и заштита поради недостиг од сервиси, се наведува во резултатите од анализата на „Отворена порта“.

Примената на еден ист пристап на помош и поддршка, оценуваат, е несоодветен за заштита на сите жртви и затоа постапувањето во случаите мора да биде базирано врз индивидуалните потреби на лицата во согласност со нивната возраст, пол, род, вид на експлоатација итн.

Од анализираните досиеја, појаснуваат од „Отворена порта“, се идентификуваа повеќе препреки и предизвици со кои се соочуваат жртвите. Неможност да се обезбеди бесплатен здравствен преглед за сите жртви на трговијата со луѓе, особено за лица кои не се регистрирани во Матичната книга на родени во земјава, како и за странските државјани без регулиран престој. Пристапот до образование, односно повторното вклучување на децата-жртви во редовното и задолжително образование е ограничен и нефункционален.

Во земјата не постојат посебни програми и мерки со кои жртвите ќе можат да бидат вклучени во работниот процес во насока на економско зајакнување. Жртвите на трговијата со луѓе, додаваат од „Отворена порта“, не ги користат активните мерки за вработување обезбедени од државата преку Агенцијата за вработување, поради тоа што таму нема посебен систем со којшто ќе се гарантира заштитата на личните податоци и статусот на лицата-жртви.

Долгите судски процеси, отсуство на заштита во својство на сведоци, понатамошна ревиктимизација на жртвите на трговија со луѓе

Според анализите на „Отворена порта“, практиката покажува дека на ниту една жртва не и била обезбедена бесплатна правна помош од страна на Министерството за правда, како и исплата на обесштетување, иако се донесени судски пресуди за ова. Во тој контекст, како проблем се појавува и долгогодишното траење на судските процеси, со што жртвите се подложуваат на понатамошна ревиктимизација.

Како проблем во практиката се јавува и отсуството на заштита на жртвите во својство на сведоци во текот на истражната и судската постапка.

Потребно е и проширување на сместувачките капацитети на постоечкото прифатилиште за жртви на трговија со луѓе, како и обезбедување посебно прифатилиште за малолетни и полнолетни жртви.

Како до поголеми резултати во борбата со трговијата со луѓе и во рехабилитацијата на жртвите

Воспоставување алтернативни центри за обезбедување помош и заштита на локално ниво, како што се дневни центри, советувалишта итн., доколку жртвата не сака да биде сместена во прифатилиште, е еден од начините, наведуваат од „Отворена порта“, за помош во рехабилитацијата.

Спроведување медиумски кампањи за информирање и упатување на жртвите за бесплатна правна помош пропишана во Законот за бесплатна правна помош. Навремено назначување законски застапник на жртвата според Законот за бесплатна правна помош.

– Зајакнување на капацитетите на истражните органи – МВР (материјални капацитети) и Јавното обвинителство (човечки капацитети – специјализирани ЈО за овој вид на криминалитет и работа со жртви на трговијата со луѓе) на национално и на локално ниво. Обезбедување бесплатни медицински прегледи за сите жртви на трговијата со луѓе (домашни, странски државјани без регулиран престој), со уредување во законската рамка во Законот за здравствено осигурување. Вклучување на децата-жртви на трговијата со луѓе во редовното образование во најкраток рок да биде приоритет за одговорните институции, особено за старателите на овие деца во целиот процес на заштита и реинтеграција, се дел од препораките по направената анализа од Отворена порта.

Мал е официјалниот број идентификувани лица наспроти реално постоечката бројка на жртви од трговијата со луѓе, покажува анализата, а истовремено, како проблем се јавува и неефикасноста и слабата координација на надлежните институции при преземањето дејствија во согласност со постоечките стандардни оперативни процедури за постапување со жртвите на трговијата со луѓе.

Како позитивна новост во праксата се наведува формирањето мобилни тимови во кои биле вклучени сите засегнати страни во индетификувањето жртви на трговијата со луѓе.

Од „Отворена порта“ препорачуваат во однос на идентификацијата на жртвите од трговијата со луѓе проактивна идентификација на жртвите од страна на надлежните институции и преземање дејствија за рана идентификација на странски и македонски државјани жртви на трговијата со луѓе. Да продолжат да функционираат мобилните тимови за идентификација на потенцијални и на жртви на трговијата со луѓе, да се прошири нивната работа во повеќе градови на земјата и да се обезбеди нивна одржливост. Се препорачува и организирање кампањи и обуки за препознавање и самоидентификација на трговијата со луѓе од страна на лица кои се под ризик, посебно кај лицата со пречки во интелектуалниот развој, обезбедување финансиска поддршка од страна на државата за единствената бесплатна СОС-линија за помош од трговијата со луѓе, како најлесно достапен сервис за граѓаните и за жртвите на трговијата со луѓе, како и зајакнување на координацијата и соработката на институциите на централно, локално и регионално ниво за поефективна идентификација.

Искуствата во практиката често покажуваат дека идентификувањето на жртвите затајува некаде низ лавиринтите на државните институции.

Таков е случајот со 13-годишна малолетничка која била згрижена во државна институција. Малолетничката била сексуално злоставувана од 2017 година, а случајот бил обелоденет во 2018 година, откако малолетничката на неколку наврати се водела како избегано лице. Надлежните институции задолжени да постапат и преземат службени дејствија не реагирале навремено на овој случај со жртва на трговија со луѓе.

„Отворена порта“ е здружение на граѓани основано во 2000 година. Денес сé уште се препознава како лидерска организација, која веќе 20 години работи врз полето на сузбивање на трговијата со луѓе. Од 2001 година, „Отворена порта“ е членка и рамноправен партнер на „Ла Страда“ – Интернационална мрежа за борба против трговијата со луѓе. Во своето досегашно постоење „Отворена порта“ е препознаена по својата посветеност, професионалност и истрајност, како на национално така и на меѓународно ниво.

Во својата долгогодишна работа, „Отворена порта“ го применува пристапот заснован врз човековите права, со што целосно ги застапува основните човекови права и интереси на лицата кои се жртви на трговијата со луѓе и на сексуално насилство. Исто така, како граѓанска организација активно учествува во градењето политики и стратегии, со цел намалување на бројот на жртвите од трговијата со луѓе и обезбедување подобар третман на тргуваните лица и на други ранливи групи во општеството. Активностите на „Отворена порта“ се базираат врз основа на сеопфатни програми, коишто се насочени кон информирање и лобирање, превенција и едукација, како и кон директна помош и поддршка.

Во 2002 година, „Отворена порта“ првпат ја отвори бесплатната СОС телефонска линија, која и денес сé уште работи како единствен сервис од јавен интерес што им овозможува на граѓаните да добијат информации, совети и помош за проблемите од трговијата со луѓе.