Четири дена пред очекуваното распуштање на Парламентот, Владата допрва ќе го испраќа Законот за јавно обвинителство во Законодавниот дом. На владина седница се очекува да помине викендов, а в понеделник да стаса во Парламентот. Лидерот на СДСМ Зоран Заев е оптимист дека Законот може да се донесе, разговарал со пратеничките групи, но повтори и дека нема да биде ништо спорно ако се пролонгира распуштањето на Парламентот.
„И понеделник рано од сабајле Парламентот да ги искористи трите дена како што е предвидено за законите со европско знаменце. Понеделник, вторник, среда, среда е е 12. Можеме да го изгласаме, еве и на 12 да се распушти Парламентот. Ама ако Парламентот и пратениците одлучат дека треба на 13 да дискутираат, нека издискусираат нека го задржат своето право, нека гласаат, па вечерта на 13 нека го распуштат Парламентот. Тоа не го ремети воопшто датумот за одржувањето на изборите“, рече Зоран Заев, претседател на СДСМ.
Засега не е јасен ставот на независната пратеничка група која излезе од ВМРО-ДПМНЕ, а од кои власта, па и некои дипламати побара поддршка за законот. Нивната координаторка Емилија Александрова за Алсат кусо изјави дека утре ќе се произнесат дали ќе го поддржат или не. Но, затоа лидерот на ВМРО, Христијан Мицкоски веќе соопшти. Неговата партија не се согласува со предлог-законот. Очекува собранието да се распушти на 12 февруари.
„ВМРО-ДПМНЕ е за Закон за јавното обвинителство. Но, закон којшто ќе биде правичен и закон којшто ќе нуди правда за сите граѓани во државата, без исклучок дали се партиски определени или партиски неопределени. Не може ВМРО-ДПМНЕ ништо да не направи, ниту пак, било кој, бидејќи е по скратена постапка. ако ги користиме демократските и деловничките можности, тоа е тоа, ако имаат 80 ќе си го поминат и тоа е тоа“, рече Мицкоски.
Ако нема распуштање на Парламнетот в среда, нема избори на 12 април, порача завчера собранискиот спикер Талат Џафери во Алсат.
„Ако сакаме изборите да бидат во рок од 60 дена после распуштањето, тоа треба да биде 12 февруари. Ако сакаме!, рече Џафери.
И вие сте одлучни на 12 да го распуштите Собранието и изборите да се распишат на 12 април?
Јас сум посветен да ги почитувам сите уставни и законски рокови и тоа да се случи на 12 февруари?, рече Џефери.
И изборите да се одржат на 12 април?
„Да“, вели Џафери.
Евроамбасадорот во земјава Самуел Жбогар порача дека Законот за јавно обвинителство не е услов за Европската Унија, но оти е пожелно да се изгласа бидејќи во спротивно ќе се испрати лоша порака.
Извор: Алсат