Фаница Николовска, кандидат за пратеник во ИЕ 6 од редовите на СДСМ, во денешното издание на “Отворено студио” на 24 телевизија истакна дека доколку добие пратенички мандат лично ќе се залага за подигнување на еколошките стандарди во целата држава, а посебно ќе се залага да се врати стариот еколошки имиџ на полошкиот регион.

“Програмата на СДСМ и на коалицијата “Можеме” е целосно адаптирана на потребите на граѓаните. Ние изминативе две години имавме интензивен контакт на терен, разговаравме со граѓаните, со цел да видиме што е добро што е направено и што е она што може да се подобри во наредниот период. Така и ја направивме нашата изборна програма. Воведуваме нова економија, рестарт на македонската економија што значи подобра грижа за сите. Тоа е она што граѓаните го бараат. Бараат нови работни места, зголемување на просечната и минималната плата и зголемување на пензиите, создавање можности за младите. На сите средби што ги имам во овој период зборувам дека градиме држава во која младите ќе можат да ја гледаат својата иднина. Таа иднина мора да биде економски просперитетна и стабилна затоа што младите заслужуваат да имаат иднина, иста онаква како што имаат нивните врсници во Европа.

Исто така, воведуваме ред, правда и дисциплина. Законот мора да важи подеднакво за сите, градиме држава во која граѓаните без оглед на нивната етничка, верска или каква било друга припадност ќе бидат еднакви пред законот и ќе имаат еднакви обврски. Клучен столб во нашата програма е и градењето на еко-држава. Тоа значи поголема контрола на загадувачите, низа економски мерки кои ќе овомзможат граѓаните во нашата држава да живеат во чиста и здрава животна средина. Тоа особено се однесува на ИЕ 6, ние бевме синоним за чист воздх, градот под Шара и целиот полошки регион, Јас како пратеник ќе се трудам стандардот за еко-држава да биде особено застапен во ИЕ 6″ – истакна Николовска.