Мора да ја продолжиме и засилиме борбата против високата корупција,  мора да ставиме ред во институциите, со Законот за потекло на имот ќе се оневозможи богатење на грбот на граѓаните, изјави заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, во вечерашното интревју на емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.

Вицепремиерот Николовски посочи дека усвоениот владин План за борба против корупција се надополнува со нови мерки во насока на проверка на нелегално стекнат имот и капитал, како што е проширувањето на опфатот на лицата од администрацијата кои ќе имаат обврска за поднесување на анкетни листови за имотна состојба, изјави за судир на интереси и подготовка на Закон за потекло на имот. За подготовката на Законот за потекло на имот, вицепремиерот Николовски посочи дека е подготвена физибилити студија со поддршка од Советот на Европа, и дека веќе е формирана работна група во која членуваат претставници од сите надлежни институции кои во следниот период започнуваат со подготовка на новото законско решение, кое за прв пат се воведува во државата.

„Со законот за потекло на имот ќе се оневозможи да се крие богатството, да се изнесуваат пари, да се сокрива и на грбот на граѓаните да се богатат сегашни, поранешни или идни функционери. Во моментов ДКСК може да испитува потекло на имот само на актуелните функционери и што се случува? Функционерите кога ќе дојдат на позиција префрлуваат дел од имотот на други лица, а кога ќе заминат си го враќаат. Затоа што на нив може да им се испитува имотот само кога се на функција, а не и претходно. Затоа тука имаме механизам за враќање назад до 10 години и за проверка на потекло на имот што ќе има широк опфат, за сите граѓани“, рече вицепремиерот Николовски.

Воедно, како дополнување на механизмот за борба против корупцијата и криминалот и проверка на нелегално стекнатиот имот и капитал, вицепремиерот Николовски, потенцираше дека ќе се прошири опфатот на лицата од администрацијата кои ќе имаат законска обврска да поднесуваат анкетни листови и изјави за судир на интереси.

„Не само избраните и именуваните функционери што поднесуваат анкетни листови, туку сите раководни службеници, сите што одлучуваат за правата на граѓаните, сите царински службеници, сите вработени во УЈП и сите останати битни сегменти на општеството на административно ниво, ќе имаат ваква обврска. Граѓаните најмногу се жалат во овој поглед. Да, ние мора да ја продолжиме и засилиме борбата против високата корупција, но мора да ставиме ред и во овие институции. Неретко имаме раководители на одредени сектори кои што имаат акции или удели во фирми кои што се поврзани со нивната работа. Тие треба да одлучат дали ќе работат за граѓаните или во приватниот сектор. На ова се надополнува и Законот за потекло на имот“, изјави вицепремиерот Николовски.

Дополнително, а во насока на спречување на префрлање на капитал и спречување на криминал, а како алка која се надоврзува во борбата со криминалот и корупцијата, вицепремиерот Николовски истакна дека веќе е во функција новиот Регистар на вистински сопственици, за што рокот за впишување заврши и се финализираат бројките на впишани правни субјекти .

„До денес се регистрирани над 70 илјади субјекти кои што ги пријавиле вистинските сопственици. Овој регистар оневозможува зделки на фирми од Панама, изнесувањето на богатството во разни острови итн. Мора за секое правно лице да се знаат вистинските сопственици во државата. Овој проект заедно го работат Централниот регистар и Управата за финансиско разузнавање. Јавноста ќе има целосен пристап, ќе може да пребарате и да дојдете до вистинските сопственици кои ги има секоја компанија“, рече Николовски.

Во вечерашното интервју на ТВ 21, вицепремиерот ги повика граѓаните да пријавуваат случаи кадешто се сомневаат дека постои корупција.

„Граѓаните со децении се плашеа да пријавуваат корупција и со децении не веруваа дека доколку пријават корупција ќе има некаков резултат. Сега ние ги охрабруваме да го прават тоа и ќе овозможиме системи за пријавување“, рече тој, додавајќи дека се подготвува систем за следење на предмети во сите институции, за да се следи дали секаде каде што граѓаните или фирмите поднеле барање што треба да го добијат во законски утврдениот рок, институциите постапуваат навреме, се со цел да нема сомнеж дека се чуваат предмети во фиоки.