Место до 25 декември, рокот за аплицирање за субвенции за земјоделците ќе биде продолжен за пет дена и ќе трае до 30 декември. Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, ги повика земјоделците што досега не аплицирале да пополнат барања.

„Ги повикувам земјоделците што не се пријавиле за субвенции да го искористат последниот рок. На денешната седница на Владата тој рок ќе го промениме и до 30 декември сите земјоделци што оствариле производство треба да го пријават производството на начинот на кој е пропишано. Барањата се поднесуваат во електронска форма со најава на системот преку линкот директни плаќања и субвенции на веб-страницата за финансиска поддршка во земјоделството. Со измената на рокот, која денеска ќе ја направиме, ќе дадеме дополнителни пет дена, наместо 25 декември, рокот ќе биде до 30 декември за поднесување барања за оствареното производство, кое како кампања првпат се спроведува“, рече министерот Николовски.

2023 година, според министерот, е историска година затоа што првпат по дваесет години откако функционира моделот за субвенционирање преку новиот модел воведен оваа година 30 % од субвенциите ќе бидат исплатени предвреме.

„Земјоделците нема да се чекаат до 2024 година, туку до 31 декември над 40 илјади земјоделци првпат ќе добијат 30 % авансна исплата. Преостанатиот дел од субвенциите ќе бидат исплатени во согласност со моделот што го направивме на редовна, навремена и неселективна исплата“, рече министерот.

Пополнето барање за субвенции земјоделците треба да го отпечатат и потпишано да го достават во писмена форма или преку пошта во архивата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството.