Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски ја посетија компанија од млечната индустрија „Бучен Козјак“ во Куманово. За време на посетата продискутираа со сопствениците и со вработените кои истакнаа дека континуитетот во работењето и долгогодишното постоење е она по кое се препознатливи и по кое ја стекнале довербата од граѓаните за нивните производи.
Министерот Николовски рече дека оваа 2022 година ќе биде запаметена како година во која комплетно ги исплативме заостанатите обврски кон земјоделците. „Подготвивме план и динамика со кој целосно ги исплативме над 20.000 сточари во вкупна вредност од 1,4 милијарди денари, кон одгледувачите на говеда, овци, пчели и кози.

Целосно ја исплативме поддршката за млекопроизводителите за периодот октомври 2020 – септември 2021, со што над 500 милиони денари завршија на сметките кај околу 6.000 млекопроизводители. Дополнителна исплата кон млекопроизводителите реализиравме преку Интервентната програма, каде исплативме 114 милиони денари кон околу 6.000 млекопроизводители.

Овие реализирани мерки од страна на Владата, уште еднаш ја потврдуваат нашата силна посветеност и грижа за секој земјоделец, за секој еден граѓанин.

Со новиот Буџет за 2023 година обезбедивме досега најголем, историски, буџет во земјоделството. Буџет чии средства се обезбедени за реализација на новата земјоделска реформа и новите програми за поддршка поставени на пет клучни столбови за поддршка”, изјави Николовски.

„Бучен Козјак“ има традиција за купување и преработка на млеко долга скоро 40 години. Уште во осумдесеттите години оваа компанија го препознала потенцијалот за откуп на млеко во овој регион, денес дневно преработуваат 50 тони сурово млеко.