„Граѓаните во иднина нема да чекаат во редови пред шалтерите за да добијат извод од матичните книги на родени, венчани и починати, туку сите тие потврди ќе бидат заменети со само една потврда од Централниот регистар на население“, рече Љупчо Николовски вицепремиер за борба против корупција во гостувањето во Топ тема на Телма.

Според него ова е една од мерките за намалување на корупцијата, затоа што ќе се намали улогата на човечкиот фактор.

„Анализите покажаа дека подигање на нивото на дигитализација и намалувањето на човечкиот фактор имаат улога во намалување на корупцијата. Во текот на следните 20 дена ќе се синхронизираат базите на податоци, за да се олесни процесот дигитализација бидејќи потребно е граѓаните само еднаш физички да се појават за да тој извод се искористи во банка, катастар и секаде каде што е потребно. Исто така е потребна промена на 100 материјални закони кои ќе го олеснат овој процес“ – појасни Николовски.

Тој додаде дека ова се прави во рамки на антикорупцискиот план, како и во консултација со министерствата, агенциите, невладините организации и други институции.