Директорот на Царинската Управа Горан Сугарески денеска заедно со Вицепремиерот задолжен за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски беа во посета на граничниот премин Ќафасан кој важи за најфреквентен граничен премин од прва категорија кој се наоѓа на пан-Европскиот коридор 8 (исток-запад) кон Република Албанија и е 4-ти најфреквентен граничен премин за стокови пратки во земјата преку кој годишно минуваат стотици илјади превозни средства и патници во и од Република Северна Македонија.
При посетата се разговарало за имплементацијата на решението за заедничко управување на граничните и царински контроли со едно застанување „One Stop Shop“ помеѓу нашата држава и Република Албанија на Ќафасан-Ќафтане.
„Со воведување на ваквиот концепт и на овој ГП се очекува да се намали времето на чекање на превозниците, да се намалат трошоците на економските оператори и најважно, да се намали можноста за царински измами поради непосредниот увид во комерцјалните документи кои ја следат стоката, а со тоа да се намали можноста за корупција и да се зголеми стабилноста и сигурноста во целиот регион.“ – посочи Сугарески.
„На денешната работна средба со директорот на Царинската управа, Горан Сугарески во царинската испостава Ќафасан ги потврдивме заложбите за дигитализирање на царинските постапки со цел зголемување на ефикасноста и одговорноста на царинските службеници и поефикасно и некоруптивно дејствување на системот. Воспоставуваме генерациски промени и создаваме општество во кое ќе почитуваат законите. Во државната управа нема место за корумпирани службеници!“ – рече вицепремиерот Николовски.