„Време е и Илинден да се приклучи на промените, да се приклучи на караванот на промените, време е „Најдоброто“ да дојде и во Илинден“, порача вечерва од Илинден Генералниот секретар Љупчо Николовски на промоцијата на кандидатот за градоначалник Александар Тодоровски.

„СДСМ победува затоа што е единствена, затоа што ја има најголемата коалиција, ја има најдобрата програмска и кадровска понуда, СДСМ победува и тоа е потврдено со сите релевантни анкети. СДСМ победува насекаде, победува и тука во Илинден, „Најдоброто“ доаѓа и во Илинден со Александар Тодоровски и советничката листа на СДСМ и коалицијата“ порача Николовски.

Осврнувајќи се на досега реализирани проекти од централната власт во Илинден, генералниот секретар Николовски подвлече дека СДСМ се залага за рамномерен регионален развој и затоа инвестира во сите општини без исклучок а потврда за тоа се и вложувањата во Општина Илинден.

„Владата на СДСМ поддржа многу проекти овде во Илинден преку различни програми. Инвестиравме преку 5.5 милиони евра во над 10 километри патна инфраструктура на Општина Илинден, реконструкцијата и опремувањето на детската градинка во Илинден, како и изградба на нова градинка во Миладиновци, се реконструираше локалниот пат Кадино – клучка автопат А4, нови пешачки зони, геотермални пумпи и многу реализирани ИПАРД.“ порача Николовски.

Тој додаде дека и во програмата на кандидатот има многу нови проекти кои значително ќе го подобрат квалитетот на живот во Илинден.

„Програмата на нашиот кандидат содржи уште повеќе развојни проекти, за вас граѓаните. За прв пат во општината ќе се задоволи потребата на граѓаните за здравствени услуги во текот на сите 24 часа. Со изградба на нов „Здравствен дом – поликлиника“ на местото на постојната амбуланта, ќе има огромно подобрување на здравствената услуга за околу 17.000 жители на општината од сите населени места. Ќе се забрза темпото за изградба на системи со пречистителни станици и фекални канализации. Септичките јами и нивното излевање ќе бидат минато.“ порача Николовски повикувајќи ги граѓаните на 17 октомври да дадат поддршка на бројот 12, да гласаат за Тодоровски и СДСМ.