Денеска, македонската демократија имаше мирен, достоинствен, европски изборен ден, изјави на денешната прес-конференција генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.

„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија им благодари и честита на сите граѓани кои денеска учествуваа во изборите и дадоа свој придонес да имаме успешен демократски ден.

Им честитаме и на институциите кои спроведоа уште едни фер, слободни и демократски избори, како што и доликува на една модерна, демократска држава, членка на НАТО и аспирант за членство во ЕУ.

Позитивната атмосфера која течеше низ целата кампања, денеска беше заокружена со мирен изборен ден. Беа забележани неколку изолирани помали отстапувања по кои веднаш се постапуваше.

Денеска и ние бевме сведоци на предизвиците кои се јавија со гласањето со отпечаток на прст и тоа е нешто на што беше укажувано во претходниот период“, истакна Николовски.

Николовски нагласи дека гласањето со отпечаток на прст беше услов на ВМРО-ДПМНЕ за да гласаат за Изборниот законик.

„И ние како демократска партија, го прифативме тоа за изборните резултати да бидат уште повеќе кредибилни, да нема простор никој да ги оспорува и на тој начин да бара алиби за било што.

Во нашиот компјутерско аналитички центар веќе започнува обработката на првите податоци кои ги добиваме од општинските изборни штабови.

Првичните трендови укажуваат дека СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина” ќе забележат уште една голема, сигурна победа.

Откако ќе добиеме први заокружени податоци, следува нова прес-конференција на која ќе бидат презентирани и првичните резултати.

За крај, како Генерален секретар и шеф на Централниот Изборен Штаб упатувам голема благодарност, до сите членови, активисти и граѓани кои денеска дадоа поддршка за „Најдоброто“, кои дадоа поддршка да продолжи развојот на општините и напредокот на државата“, посочи Николовски.