На вчерашната седница во Собранието, пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска поставувајќи прашања се осврна на неодамнешните изјави на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска за цените на храната, како грашокот од конзерва и количината на млеко што треба да ја консумира едно семејство. Министерката место да одговори ја нападна Петровска на лична основа за нејзината семејна состојба.
По повод дискриминаторските навреди се огласи со став и пратеникот Љупчо Николовски.
– На почетокот на мандатот на ова Собрание реков дека имаме потреба од нова политичка култура во која нападите и навредите ќе ги замениме со почитување, аргументирана дебата и соработка за добро на сите граѓани.
Наместо нови стандарди во однесувањето денес за жал бевме сведоци како се допре дното.
Министерка, избрана од Собранието, во 21-от век со дрскост и ароганција се дрзна да дискредитира и дискриминира пратеничка, избрана непосредно од самите граѓани на избори, и уште повеќе со тоа и да ја понижи секоја жена што нема дете со разни квалификации изречени од говорница.
Уште повеќе се чудам на обидите на нејзината партија и претседавачката со седницата како очајнички се мачеа и се мачат некако да ја оправдат.
Затоа пак ќе кажам – на граѓаните им е доста од политиканство, омаловажувања, навреди и поделби. Тие сакаат нови и напредни политики и остварување на целите на сегашните и идни генерации за европска Македонија. За да останат тука и дома.
А пред се почит кон секој еден како што тоа е одлика и на почитуваната Славјанка Петровска, порача Николовски на својот фејсбук профил.