Модернизацијата на паневропскиот Коридор е од исклучително значење за регионалното поврзување и соработка, како и за развој на домашната економија, истакна вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски кој денеска заедно со премиерот Зоран Заев, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски извршија увид во реконструкцијата и проширувањето со трета лента на патот Крива Паланка – Деве Баир.
„Патниот правец Крива Паланка – Деве Баир претставува најфрекфентна линија кон и од Бугарија и е најзначен дел од Коридорот 8. При денешната посета на општина Крива Паланка, заедно со премиерот Зоран Заев ја посетивме и локацијата кадешто интензивно се изведува реконструкција и проширување со трета лента со должина од 13 километри“, посочи Николовски.
„Во рамки на инфраструктурните инвестиции на Коридорот 8, предвидена е доизградбата на железницата која е поделена на три делници: Куманово – Бељаковце, Бељаковце – Крива Паланка и Крива Паланка – Деве Баир.
Граѓаните ќе добијат целосно обновена патна мрежа којашто ја поврзува нашата земја со Бугарија и Албанија, што е од голема важност и за унапредување на трговските и економските релации“, нагласи Николовски.