Нашата цел е да креираме 2000 нови мали производители на храна, коишто ќе ги искористат поволностите од 2019 година да може да се регистрираат и да продаваат традиционални локални производи, да продаваат од праг и од фарма и да добијат грантови, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

– Две илјади дваесет и третата е година на нов модел на субвенционирања во земјоделството, година на нови програми и година на нови можности во земјоделството, особено за она што ние го работиме, а тоа е како да го задржиме, одржиме и зголемиме домашното производство во земјоделството. Успехот во програмата за мали винарии, успехот на програмата за школски шеми минатата година беше поттик да креираме оваа година и програма за мали дестилерии со програмата од 5000 евра и програма за мали производители на храна која што ќе биде презентирана денеска токму овде која што е најголема и ги таргетира младите, жените и малите производители во рурални средини. Оние коишто произведуваат македонски производи од животинско и неживотинско потекло се со цел првпат да добијат грант од 10.000 евра за развој, зголемување на производството, брендирање на производите и клучно остварување на нашата цел, а тоа е создавање и креирање на што повеќе финални производи кои ќе се продаваат од праг и од фарма, рече Николовски презентација на новите мерки за поддршка на малите производители на храна и пијалаци.

Тој информира дека МЗШВ во следните два месеци, на 500 средби со земјоделците не терен ќе ги промовира новите модели, можности, грантови и мерки во земјоделството.

– Ова е дел од една голема информативна кампања на 500 средби коишто ги држи Министерството, Платежната агенција, Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството со сите нивни теренски советници, АХВ и сите наши економско социјални партнери, федерации, здруженија со коишто заеднички ги креиравме програмите. На терен сме да ги доближиме мерките и можностите до секој еден фармер, земјоделец, се со цел истите да ги даваат ефектите и резултатите, рече тој.

Нашата цел, како што потенцира Николовски, е да се потпреме на малите производители и да ги рашириме овие успеси од постоечките програми и во новите програми и мерки коишто ги презентираме.

– Клучно во оваа 2023-та е да се фокусираме на најголемите можности коишто ни ги дава ИПАРД 3 Програмата за која што сме лидери во регионот, пример во регионот како треба да се искористат европските средства до едно евро, да се вградат во македонското земјоделство и во следните години да ги дадат шансите, можностите, резултатите и успесите за зголемување на домашното производство и модернизација на македонскиот аграр, рече Николовски.