Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски вечерва беше дел од отворањето на изборен штаб на СДСМ во Виница каде пристапија над 150 нови членови.
„Ја извадивме државата на прав пат и за само 2,5 години покажавме што значи вистинска грижа за граѓаните. Ние одиме по автопат напред кон ЕУ и НАТО, ВМРО-ДПМНЕ нуди обнова на режим и враќање кон темни ходници, затоа граѓаните на 12 април силно ќе порачаат – режим никогаш повеќе“, истакна Николовски.
Николовски ги потенцираше економските реформи кои овозможија парите да се враќаат кон граѓаните.
„За 2.5 години растат платите и пензиите, минималната плата ја покачивме за 5.500 денари. Затоа со чист образ од Виница порачуваме, во наредните 4 години во чист мандат минималната плата ќе порасне на 18.000 денари а просечната плата на 36.000 денари“, посочи Николовски.
„Се фокусиравме на решавање на проблемите со соседите и на меѓународните интеграции и испорачавме успех, ние сме де факто 30та членка на НАТО и ќе ги отвориме преговорите за членство за ЕУ. Испорачавме успех и дома, отворивме 60.000 работни места и ја намаливме невработеноста на 17 отсто. Сега со уште поголема енергија ветуваме и ќе овозможиме отворање на нови 100.000 работни места и намалување на невработеноста до 8 отсто“, додаде Николовски.
Тој потенцираше дека државата е извесна 30 земја членка на НАТО и напредува кон интеграција во ЕУ, што значи стабилност и безбедност но и повеќе економски можности за домашните компании, нови и поголеми инвестиции и повеќе пари во секое семејство.
Генералниот секретар Николовски истакна дека СДСМ на претстојните избори е фаворит, не само заради досега спроведените мерки туку и затоа што ја предводи најголемата коалиција.
„Анкетите и истражувањата покажуваат дека СДСМ како предводник на најголемата коалиција и како партија која е модерна, европска и отворена за сите убедливо ќе добие мандат за формирање влада на 12 април. СДСМ нуди напредок и интеграции и пари за граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ нуди изолации и враќање кон темното минато.Затоа секојдневно насекаде низ државата нови членови пристапуваат кон СДСМ, тоа е доказ дека победуваме“, заклучи Николовски.