Силна е политичката волја за справување со корупцијата и криминалот, истакна вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
„Во четиригодишната програма на Владата поставивме јасни столбови во борбата против корупцијата, преку воспоставување соодветни механизми и отворена и редовна меѓуинституционална соработка и комуникација, помеѓу владините и независните институции.
На денешната конференција на Државната Комисија за спречување на корупција ја поддржав нивната важна улога во борба со корупцијата за експедитивно решавање на овој комплексен феномен. Очекувам дека целокупната борба против корупцијата значително ќе се подобри веднаш штом ДКСК ги развие електронската изјава за имотна состојба и интерес за функционерите како и софтверот за непосреден електронски пристап до базите за податоци на 17 институции“, посочи Николовски.