На граѓаните им е преку глава од декларативни заложби кои ги слушаат изминативе 30 години, со право бараат ефикасен и праведен систем кој никого не смее да привилегира, ниту пак да заштитува, вели заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски за магазинот „Капитал“.


Вицепремиерот Николовски посочува дека една од приоритетните цели е да се воспостави модел за координирање на сите задолжени институции за борба против корупцијата, кој брзо ќе испорачува резултати. Во интервјуто, Николовски зборува на повеќе теми, меѓу кои и за мерките од усовоениот План за борба за брба против корупција и идните политики.
„Целиот план е основа од која ние како општество ќе видиме огромен бенефит во годините пред нас без разлика кој е на власт. Содржи 18 системски мерки, подготвени врз основа на сите препораки и предлози од надлежни институции, невладини организации, независните тела, како и врз основа на релеватните домашни и странски извештаи. И ова се храбри политики за ред, правда, дисциплина, за враќање на довербата во институциите, за општество ослободено од корупција. Огромен дел од тој план оди во линија на зајакнати контроли и зголемена транспарентност. Морам да потсетам, до пред неколку години воопшто не можевме да зборуваме за транспарентност, а уште повеќе да ја видиме како особина на минатата власт.Никој не знаеше ништо, имавме затворени институции, немаше транспарентност за што и како се трошат народните пари. Тоа време е завршено верувам засекогаш. Да, оваа власт е под лупа на јавноста и свесно влезе во таков ризик, но сме убедени дека по тој пат треба да одиме сите во иднина“, вели вицепремиерот Николовски.
При тоа, вицепремиерот Николовски посочува дека фокусот во Планот е ставен на дигитализацијата, како единствен механизам за елиминирање на човечкиот фактор, со цел да се намалат ризиците и да се спречи корупцијата. Процесите за дигитализација се започнати, формирана е работна група, која има за цел да подготви соодветни измени и дополнувања на законите.
„Во моментов, секој орган, заради својата надлежност за одредена постапка, ги бара доказите директно од граѓаните, а истите тие докази веќе ги има кај себе или постојат кај друг надлежен орган. Во голем дел од постапките се бара копија од лична карта или пасош, извод од матична книга и државјанство. Нашата цел, преку целосна дигитализација на трите матични книги, ставање во полна функција на Централниот регистар на население, сите овие докази, органите автоматски да ги преземат од Централниот регистар на население, наместо граѓаните да ги приложуваат пред органите или да достават само извод од Централниот регистар на население, кој во себе веќе ги содржи податоците од овие три поединечни докази. Колку е помало влијанието на човекот, толку е помал просторот и ризикот од корупција. Овие процеси ќе им помогнат и на надлежните органи за борба против корупција и криминал, бидејќи податоците кои им се потребни на сите органи за спроведување на конкретни предистражни или истражни мерки ќе им бидат веднаш достапни и ќе бидат точни и ажурни“, вели вицепремиерот Николовски.
Во интервјуто Николовски појаснува дека дел од мерките се однесуваат на дигитализација на истражните центри, воспоставување на Е-инспектор, создавање на централна база за издавање на лиценци и дозволи, воведување на систем за следење на предмети и претставки, измени на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, намалување на членовите на Управните одбори. Дополнително, Планот содржи задолженија и препораки за институциите и општините, како што е подготвоката на интерни процедури за јавни набавки, подготвка на годишна Антикорупциска програма, назначување на овластено лице за прием на пријави доставени заради заштитено внатрешно пријавување за постоење на евентуална корупција.